
Една фотелја сепак не е доволна за Астрит Илјази – кој сега е под лупа на Антикорупциската комисија.
Тој истовремено е директор на ХЕС „Треска“ подружница на АД ЕСМ – државно претпријатие, а воедно и член на Советот на Град Скопје од коалицијата ВЛЕН.
Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет по пријава дека Илјази паралелно извршува две функции.
Од институцијата велат дека постапката е во тек, а одлуката ќе биде донесена откако ќе се утврди фактичката состојба.
Во анкетниот лист до Антикорупциска, тој ги пријавил двете функции – и советничката и директорската.
Според јавно достапните податоци, Илјази бил именуван за директор на 3 јануари 2025 година, а во октомври истата година станал и советник во Град Скопје.
Законот за спречување на корупцијата јасно наведува дека избрано лице не може истовремено да извршува управувачка функција во јавно претпријатие.
Целта е да се спречи судир на интереси.
Сепак, Илјази вели дека сè е законски проверено и дека нема намера да се повлече од ниту една функција.
Слични случаи имало и претходно.
Советникот Петар Милетиќ се повлече од функцијата откако стана директор во ЕСМ, додека Атанас Ризов беше казнет со 18.488 денари поради неспојливост на функции.
Доколку се утврди прекршување и во овој случај, законот предвидува парична казна – но не и обврска за повлекување.
Конечната одлука останува на самиот функционер.



