XВестиЛокално

Владата започнува вонредни контроли по рекордната заплена на 40 тони марихуана

Владата одлучи да спроведе вонредни контроли кај сите компании со лиценца за производство на канабис за медицински цели, на целата територија на Северна Македонија. Мерките беа усвоени на 149-та седница на Владата, со цел спречување на незаконското производство и пуштање на канабисот на црниот пазар, како на домашен така и на меѓународен план. Надлежните институции имаат рок од 45 дена да достават извештаи, а Владата најави повторно активирање на државната меѓуинституционална комисија за борба против незаконското производство и злоупотребата на дрога, која од 2017 година скоро и да не функционираше.

Одлуката беше поттикната и од рекордната заплена на 40 тони марихуана, која, според надлежните, била наменета за домашниот пазар и за европските пазари. Наркотикот беше пронајден складиран во депата на неколку компании за производство на медицински канабис, кои формално имале лиценца, но се сомнева дека дејствувале надвор од законските протоколи.

„Го гледаме овој рекорд од 40 тони запленета марихуана, пронајдена во првата фаза на истрагата. Комисијата при Министерството за здравство утврди дека оваа марихуана е произведена, складирана и чувана надвор од утврдените протоколи.“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерот Тошковски потенцираше дека дрогата моментално се наоѓа во просториите на МВР и ќе се користи како доказ во постапката, а според него, била планирана да заврши на улиците во Македонија и Европа.

„Она што го гледате зад мене е дел од овие 40 тони цвет од канабис, резултат на погрешни политики од еден период кој не смее да се повтори. Никој не е над законот и нема да има компромис со незаконското постапување.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Според МВР, дрогата е запленета во координација со Бирото за јавна безбедност и Јавниот обвинител за организиран криминал, а истрагите продолжуваат. Надлежните најавуваат редовно информирање на јавноста за секој нов развој и мерките кои ќе следат.

Related Articles

Back to top button