
Системот „Safe City“ во наредниот период треба да започне со примена и во Охрид и Струга, каде што е предвидена инсталација на вкупно 40 сообраќајни камери за евидентирање прекршоци и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Од СВР Охрид информираат дека дел од инфраструктурата веќе е поставена на терен. Четири камери се инсталирани на патниот правец Охрид–Кичево, во близина на селата Горенци и Требеништа, како и кај Ботун и Ново Село во општина Дебрца. Во моментов системот се наоѓа во фаза на техничко тестирање и прекршоците не се санкционираат.
Целта на проектот, како што наведуваат од полицијата, е намалување на бројот на сообраќајни несреќи и прекршоци, особено во периоди на зголемена фреквенција на сообраќај, кога најчести се брзото возење, опасните претекнувања и непрописното паркирање, особено во туристичките зони.
Проектот „Safe City“ веќе функционира во Скопје, Куманово и Тетово, каде што по тест-периодот што започна на 1 декември 2025 година, казните се применуваат од 1 февруари 2026 година. Најавено е дека системот постепено ќе се проширува и во други делови на државата.
Од СВР потенцираат дека пред целосното активирање јавноста ќе биде навремено информирана за локациите на камерите, видот на прекршоците што ќе се санкционираат, како и за мерките за заштита на личните податоци, согласно законската регулатива.


