XВестиЛокално

Кинески кредити: Oд „успешен модел“ на соработка до барања за репрограмирање

На 9 јануари 2026 година, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, се сретна со новата амбасадорка на Кина во Северна Македонија, Џијанг Сјаојан.

Според официјалното соопштение на претпријатието, средбата означува потврда за “заедничко задоволство од досегашната соработка” и очекување за “продлабочување на пријателските односи” во економијата, инфраструктурата и инвестициите со Кина.  

Клучен акцент на средбата, како што соопшти ЈПДП, паднал врз автопатот Кичево-Охрид, еден од најзначајните проекти, финансиран преку кредит од Експорт – Импорт банката на Кина (Ексим банка).  

Трајановски ја пофали “успешната соработка” со кинеската „Синохидро“ и на автопатот Миладиновци-Штип, делот Градско-Дреново (дел од експресниот пат Фариш-Дреново) и експресниот пат Штип-Кочани (Крупиште-Кочани), истакнувајќи ги овие како “конкретни резултати” и “цврста основа” за идни партнерства.

Оваа позитивна реторика на јавното претпријатие директно се судира со реалноста откриена во барањата на ЈПДП со кое раководи Трајановски доставени до Министерството за финансии во октомври и претходно во февруари 2025 година.

Според записникот од 138-та седница на Владата од 23 декември 2025 година, претпријатието бара “измена на условите за регулирање на долг преку нови кредитни услови”.

“Информација за доставено Барање бр.11-5873/1 од 28.10.2025 година за измена на услови за регулирање на долг со воспоставување на нови кредитни услови на Јавното претпријатие за државни патишта кон Министерството за финансии, поради неможност за отплата на доспеаните обврски по Договор за заем склучен со Експорт-Импорт банка на Кина”, стои во записникот од Владата.

И ова не е единственото барање. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и неколку месеци претходно барало помош од Владата.

Во одлука која датира од 7 февруари 2025 година, ЈПДП испратило барање до Министерството за финансии за репрограмирање на долгови.

Тогаш Владата на 95. седница ја разгледала доставената информација и донела одлука за помош на ЈПДП. Претпријатието побарало репрограмирање на долг кон Министерството за финансии поради проблеми со отплатата на кредит од Експорт-импорт банката на Кина за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.

„Владата го задолжи Министерството за финансии да склучи договори за регулирање на доспеаниот долг на Јавното претпријатие за државни патишта кон Министерството за финансии по активираната државна гаранција, односно по платената рата на 21.1.2025 година по двата договора за обезбедување на државна гаранција бр. 14-10754/2 од 24.6.2014 година и бр. 14-10753/2 од 24.6.2014 година, за исполнување на обврските по Договорот за заем за „Проектот за изградба на автопат – делница Кичево – Охрид” и Договорот за заем за „Проектот за изградба на автопат делница Миладиновци-Штип”, склучени помеѓу Експорт – импорт банка на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта – Скопје, со рок на враќање од 10 години (120 месечни рати), без пресметка на редовна камата, со грејс период од пет години, со што отплатата кон Министерството за финансии, да почне од 1.2.2030 година, на износ и под услови како што е утврдено во оваа информација“, се вели во одлуката.   

Од ЈПДП не одговорија на прашањата на ПорталХ дали на средбата меѓу директорот Трајановски и амбасадорката Сјаојан се разговарало и за проблемите со неможноста за отплата и барањата за репрограмирање доставени до Министерството за финансии.

Од Министерството за финансии, пак, велат дека условите за отплата на заемот од страна на ЈПДП кон ЕКСИМ банката се согласно потпишаниот договори за заем за автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци-Штип и дека не е направена никаква промена и обврските редовно се сервисираат.

„Промените за кои конкретно прашувате се однесуваат на измени на условите за регулирање на долгот на ЈПДП кон Министерството за финансии кој произлегува од измирени обврски под услови соласно договорите за обезбедување државна гаранција за заемите на ЈПДП кон ЕКСИМ банката. Имено, досега за обезбедување на обврските се издадени државни гаранции во износ од 230,44 милиони евра кон ЕКСИМ за ЈПДП. Напоменуваме дека нема неизмирени обврски кон ЕКСИМ банката кои произлегуваат од договорите потпишани помеѓу ЈПДП и ЕКСИМ банката“, одговорија од Финансии.

Тоа значи дека Државните патишта се должник на Министерството за финансии со грејс период на плаќање од 2030 година. ЈПДП формално останува должник, додека Министерството преку активирани државни гаранции ги презема ратите на место на претпријатието.

Крстиновска: Спорните договори со Кина се финансиски товар за македонскиот буџет

Изградбата на инфраструктура несомнено има потенцијал да придонесе кон економски раст и развој.

Но, според Ана Крстиновска од невладината организација „Естима“ која долги години ги анализира македонско-кинеските релации во полињата на финансиите, образованието и политичката мека моќ, кинеските банки на прв поглед се чини дека имаат пониски критериуми и делуваат побрзо, наспротив европските кои бараат усогласување со правилата на кредиторите, поради што и нашата како и други влади во регионот се решаваат за кинески кредити.  

„Но, како што покажува примерот со автопатот Кичево-Охрид, скапата цена ја плаќаме години откако ќе го склучиме договорот. Соработката на автопатот Кичево-Охрид од самиот почеток до денес е постојано спорна и изобилува со проблеми: почнувајќи од лошиот квалитет на проектната документација и геолошките истражувања во основа на градбата, преку нетранспарентниот избор на изведувач, наводите за корупција, спората изведба и бројните корекции, па се до финансискиот аранжман – исто нетранспарентен, со договор за заем од Ексим банката кој не е јавно објавен. Наместо планираните 5-6 години, изградбата трае веќе 12 и ние постојано плаќаме редовни рати и повремено пенали за автопат кој ниту го користиме, ниту генерира некаква економска или финансиска добивка. Секако дека нашиот мал и презадолжен буџет не може да го издржи ваквиот финансиски товар“, вели Крстиновска.

Како што објаснува Крстиновска, спорните елементи кои доведуваат до проблеми во исплатата не произлегуваат од самиот договор, туку од начинот на планирање на проектот и преговарање на цените во овој случај.

“Единечните цени кои ние како држава ги плаќаме за автопатот се повисоки од цените кои Синохидро ги понуди на тендерот за изградба на патот Штип-Крупиште, значи се нереални, непазарни и водат до прекумерно задолжување. Во договорот пак стојат клаузули кои го санкционираат тоа прекумерно задолжување, односно неможноста да ги исплаќаме ратите, на тој начин што не прават зависни од Кина и нејзиното одобрување на доцнење или репрограмирање. Со други зборови, ако не можеме да платиме навреме, ние мораме нашите политики да ги подредиме на Кина и нејзините ставови и барања, вклучително и во области неповрзани со кредитот, да играме по кинески правила за да ја “одоброволиме”. Во спротивно Кина има право еднострано да го раскине договорот за кредит и да побара целосна исплата, што за нас би значело финансиски крах“, вели таа.

Кинеското присуство во македонската инфраструктура е значително, особено од 2014 година наваму, преку иницијативата “Еден појас, еден пат”.

Кинезите стојат позади  автопатот Миладиновци-Штип, автопатот Кичево-Охрид,  експресниот пат Штип-Кочани (Крупиште-Кочани) за кои во неколку наврати се потпишуваа нови и нови анекси. Овие проекти вкупно надминуваат милијарда долари во кредити.

Related Articles

Back to top button