
По објавувањето од Portalix на документи кои отвораат сериозни сомнежи за незаконско користење на правото на „туѓа нега“ од страна на директорката на Центарот за социјална работа во Тетово, Магдалена Веселиновска, институциите не понудија никакво појаснување за наводите. Единствената јавна реакција беше објавување фотографија со Премиерот.
Сепак, официјалните факти укажуваат дека сомнежите не се изолирани. Инспекциски надзор спроведен од Министерството за труд и социјална политика утврдил дека Центарот за социјална работа Тетово, раководен од Веселиновска, постапувал спротивно на Законот за социјална заштита.
Според инспекцискиот извештај, се констатирани низа сериозни прекршувања: правата од социјалната заштита биле доделувани без целосна документација, не биле вршени контроли во домовите на корисниците, одлуките биле донесувани врз основа на нецелосно утврдена фактичка состојба, како и тоа што не биле спроведени претходно наложените мерки од инспекторатот. За овие неправилности, директорката добила инспекциска опомена, а на институцијата ѝ биле наложени корективни мерки.
Но, тоа не било крај. Во контролниот инспекциски надзор од октомври 2024 година, инспекторатот утврдил дека во неколку конкретни предмети биле извршени неосновани исплати на финансиски средства. Како резултат на тоа, било наложено враќање на незаконски исплатените средства или поведување постапка за надомест на штета, со рок од 60 дена, при што жалбата не го одложува извршувањето.
Со други зборови, официјалните извештаи потврдуваат дека државни пари биле распределувани спротивно на законот. Но, и покрај овие наоди, нема ниту политичка одговорност ниту институционално објаснување. Наместо одговори за прекршувањата и незаконските исплати, јавноста добива фотографија со Премиерот.
Прашањето останува отворено: дали една фотографија е доволна за да ги покрие законските прекршувања и злоупотребата на државни средства?



