Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, поднесе неотповиклива оставка од својата функција, само кратко време пред Собранието да одржи седница на која беше предвидено гласање за негово разрешување по предлог на Владата.
Оставката ја соопшти на прес-конференција во просториите на Јавното обвинителство, информирајќи дека одлуката веќе е доставена и во писмена форма до надлежните институции.
„Си заминувам со крената глава, но и со чувство на разочараност поради непочитувањето на основните принципи врз кои се темели владеењето на правото“, изјави Коцевски.
Постапката за негово разрешување беше отворена на 9 декември на владина седница, со образложение дека Коцевски направил сериозни професионални пропусти за време на раководењето со Јавното обвинителство.
Според владините документи, една од клучните спорни точки е „Задолжителното упатство“ донесено на 30 јуни 2024 година, за кое се наведува дека ги надминало надлежностите на јавниот обвинител. Владата оценува дека со ова упатство биле нарушени овластувањата на повисоките обвинители и биле прекршени принципите на хиерархија, субординација и институционална независност.
Исто така, на Коцевски му се става на товар и изнесување информации за судски предмети од Јавното обвинителство, без преземање дисциплински мерки. Според Владата, ваквите постапки го нарушиле функционирањето и интегритетот на институцијата.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави неодамна дека на Коцевски му било дадено доволно време да покаже конкретни резултати. „По една и пол година, резултатите изостанаа. Сега ќе започнеме процес за избор на нов јавен обвинител, од кого очекуваме повисоки стандарди“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата нема фаворизиран кандидат.
Од друга страна, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го оцени овој процес како политичко мешање во правосудниот систем, истакнувајќи дека станува збор за „понатамошна партизација на институциите“, а не за вистински реформи.



