Uncategorized @mk

Родителите на загинатите во Кочани: „Поддржете нè – правдата мора да ја извојуваме заедно!“(ФОТО)

Со силни пораки исполнети со болка и револт, денеска илјадници граѓани излегоа на „Маршот за ангелите“ во Скопје, марш организиран во чест на загинатите деца и млади во трагедијата во Кочани. Точно во 12:05 часот колоната тргна од плоштадот „Македонија“ кон Собранието, а потоа пред Основниот кривичен суд – местото каде на 19 ноември треба да започне судскиот процес за случајот „Пулс“.

Родителите, чиј живот остана засекогаш променет, се обратија со емотивен повик упатен до сите граѓани:


„Ни требаат луѓе кои можат да ја почувствуваат нашата болка. Ако сте со нас, покажувате човечност. А човечноста е наследна – со неа не се раѓа, ниту се учи. Ве молиме, истрајте со нас. Да ја истераме правдата заедно.“

Пораките на транспарентите гласеа:
„Моето дете беше убиено од систем кој не штити, туку убива“,
„Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“,
„Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“.

Граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“ претходно со недели собираа поддршка преку протестите во Кочани.

Родителите велат дека не бараат сожалување, туку вистина, одговорност и правда – за нив, за загинатите, и за иднината на сите деца. Родителите, во својот апел, порачаа дека нема да запрат додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата. “Болката е наша, но борбата е за сите нас”, велат тие.

Институциите, во меѓувреме, се подготвуваат за судскиот процес што започнува за неколку дена. Кривичниот суд, Обвинителството и Адвокатската комора најавија засилени мерки за да се обезбеди непречено и професионално судење.

Во случајот „Пулс“, каде загинаа 63 лица, а речиси 200 беа повредени, обвинети се 34 физички и 3 правни лица за тешки кривични дела против јавната безбедност. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Related Articles

Back to top button