XВестиБалкан

Локални избори во Косово: Предизборни ветувања – некогаш и денес

Предизборните ветувања за локалните избори на 12 октомври се разновидни: од изградба на канализациони системи во одредени села и градови и отворање на библиотеки, до создавање на нова производна линија „Made in Mitrovica“, па сè до изградба на трамвај во Приштина и жичница во Призрен, известува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Иако бројот на ветувањата е голем – бидејќи 206 кандидати се натпреваруваат за градоначалници во 38 општини, а над 5.000 за советници – експертите за политички прашања оценуваат дека не треба да се прават директни споредби меѓу нив, затоа што секоја општина има свои приоритети и потреби.

Според Висар Имери, извршен директор на Институтот за социјални политики „Мусине Кокалари“, кампањите денес се многу порационални:

„Сега се зборува многу повеќе за квалитетот на образованието, за целодневното учење, за зелените површини и парковите што недостасуваат – а не само за струја, вода, канализација и асфалтирање на улици, теми што доминираа во минатите кампањи“, вели Имери за РСЕ.

И Беким Салиху од Институтот за напредни истражувања – ГАП, додава дека кандидатите повеќе не даваат нереални ветувања како независноста, енергетската стабилност или визите – теми што никогаш не биле локална надлежност.

„Воопшто, кандидатите изгледа дека ја разбираат својата правна и буџетска рамка, и ветувањата ги даваат во тој контекст. Не гледам веќе претерани ветувања како во минатото“, вели Салиху.

Ветувања наспроти реалноста

Според податоците на Институтот ГАП, во мандатот 2021–2025 се реализирани околу 51% од ветувањата во косовските општини, додека 21% од нив воопшто не се започнати.

За Јмери, оваа бројка не е задоволителна, иако не може да се анализира само статистички:

„Може да има градоначалници што имаат висок процент на исполнети ветувања, но кога ќе се погледне содржината, се гледа дека тие не ја менуваат суштински сликата на градот“, вели тој.

Салиху додава дека пандемијата, инфлацијата, војната во Украина и проблемите со колективните договори и блокираните европски фондови имаат значително влијание врз реализацијата на проектите.

Во просек, општините имаат потрошено 93% од буџетот, додека околу 58 милиони евра останале неискористени.
Во новиот буџет, предвидено е дел од општините да добијат зголемени средства поради промените во бројот на жители.

Од вкупниот буџет од 3,5 милијарди евра, на општините ќе им бидат распределени околу 867 милиони евра.

Предизвици пред градоначалниците

По завршувањето на кампањата, многу градоначалници ќе се соочат со сериозен проблем – неусвоениот буџет.

Околу 12 општини, меѓу нив и главниот град, не го усвоиле буџетот за следната година до рокот 30 септември.
Причините се различни: од влијанието на кампањата, до поделбите во општинските совети.

„Фактот што една општина не го усвојува буџетот навреме значи дека ќе има помал буџет и помал капацитет за реализација на проектите“, вели Салиху.

Општините имаат рок до 1 март 2026 да го усвојат буџетот според износот од претходната година, во спротивно нивните општински совети ќе одат на нови избори.

Каде се очекуваат најжестоките изборни трки?

Салиху очекува повеќе од 20 општини да одат во втор круг – балотаж, кој ќе се одржи на 9 ноември.
Најжестоки изборни трки се очекуваат во Приштина, Јужна Митровица, Дреница, Липјан и Подујево.

Според Имери, победа без втор круг може да има во Феризaj, Ѓаковица, Исток и можеби во Пеќ.

Според податоците на Централната изборна комисија, право на глас имаат 2.069.098 граѓани, додека околу 44.000 дијаспорци можат да гласаат по пошта од 17 септември до 11 октомври.

Кандидатите потрошиле илјадници евра за политичко рекламирање, а резултатот ќе биде познат во недела – кога ќе се види кој ја избрал најуспешната стратегија, пренесува РСЕ.

Related Articles

Back to top button