Родителите на учениците во основните училишта масовно се жалат на недостаток или искинати учебници. Учениците од четврто одделение во ООУ „Панајот Ѓиновски“ во Бутел останаа без учебници, а малкуте примероци што пристигнале се во распадната состојба.
Родителите, обраќајќи се до PortaliX, велат дека ова е тешка неправда кон децата и директно го обвинуваат Министерството за образование и наука (МОН).
„Јас сум родител на ученик од четврто одделение. Учебниците што им ги дале на децата се искинати, исцртани, некои без страници, а најважно – бројот не е доволен. Во одделение со 30 ученици, учебниците не стигнуваат ниту за половина. Во 2025 година, нашите деца се принудени да учат од купишта хартиени остатоци. Ова е срам и неправда,“ изјави еден родител за PortaliX, споделувајќи и фотографии како доказ.

Во друго реагирање, друг родител ја искажал својата незадоволност со уште поостри зборови: „Да не се осмели некој професор да бара учење од децата, зашто вие сте тие што треба да бојкотирате за овие учебници и конечно да го кренете гласот, а не да се однесувате како сè да е во ред.“
Тој сподели и видео на кое се гледа состојбата на уништените учебници.
Родителите нагласуваат дека ова не е првпат да се соочуваат со ваков проблем, потсетувајќи дека истата ситуација се повторува секоја година. Тие ги критикуваат институциите за недостаток на одговорност и предупредуваат дека наставниот процес не може нормално да се одвива без нови и зачувани учебници.
Во меѓувреме, социјалните мрежи се преплавени со бројни жалби од родители низ целата држава, кои објавуваат фотографии и видеа од оштетени учебници, оценувајќи го ова како еден од најголемите неуспеси на образовните власти./PortaliX


