Portali X
Сторија

Здружение регистрирано на иста адреса со штала за крави во Шишево добило пари за социјални услуги во Липково

3 min 86
Здружение регистрирано на иста адреса со штала за крави во Шишево добило пари за социјални услуги во Липково

Скромна семејна куќа, без знаење на семејството искористена за регистрирање на правни лица – едно од нив здружение кое две години зема пари од државни органи, за проект чии врати се уште се затворени.

Автока: Бојана Спасовска

На иста адреса во скопско Шишево се регистрирани две правни лица – „Здружението за зајакнување на грижата во заедницата ИЦЦМ Скопје“, чиј претседател е Али Реџепи, со уште 5 сопственици и фирмата „Реџепи Фарм“, регистрирана на име на Ајрула Реџепи.

Бидејќи на оваа адреса се водат две правни лица со различни дејности, Порталикс се упати во Шишево за да ја провери локацијата, но таму немаше канцеларија на здружение, а уште помалку штала за крави.

На терен, ја затекнавме една семејна куќа. Во разговор со семејството ни рекоа дека првпат слушаат дека на нивната домашна адреса е регистрирано некакво здружение, или фирма, во случајот фармата.

“Немаме ниту едно теле, а камоли штала за крави”, ни одговори домаќинотна куќата кога го прашавме дали е свесен дека на неговата адреса, меѓу другото, е регистрирана и штала за крави.

Во однос на лицата Али Реџепи и Ајрула Реџепи, кои во Централниот регистар фигурираат како основачи на двата субјекта, тој ни кажа дека живеат малку погоре од нивната куќа. 

Нелогичностите околу адресата не натераа да продолжиме да го истражуваме здружението, на чија сметка легнале 1,4 милиони денари, само од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Парите се давани на два пати - дел во 2025, годината кога здружението е основано, а дел во 2026 година, во рамките на проектот за развој на социјални услуги, финансиран од Светска банка. 

На третиот јавен повик, објавен во февруари 2025 година, општините биле носители на апликациите, додека здруженијата и другите невладини организации можеле да учествуваат како коапликанти и потенцијални даватели на социјални услуги, информираат од Министерството.


Оттаму велат дека изборот на апликациите го спровела комисија именувана од министерот, врз основа на утврдени критериуми, меѓу кои биле и вложувањата од страна на општината и давателот на услугата.

Но, здружението „ИЦЦМ Скопје“ било регистрирано во Централниот регистар само еден месец пред објавувањето на јавниот повик.

Според Министерството, здружението партнерски со Општина Липково требало да направи дневен центар за стари лица со активно стареење. 

Договорот помеѓу Општината и здружението бил склучен во јуни минатата година. Еден месец подоцна, на сметката на здружението легнуваат првите средства, наменети за адаптација на просторот и набавка на опрема.

Покрај средствата од Министерството, финансиски придонес дала и Општина Липково, со околу 300 илјади денари, оваа година. Но, тука се вклучува и Општина Сарај, која на здружението му дава симболични 30 илјади денари – за која намена, не се знае.

Од Општина Липково ни рекоа дека парите од нивната каса биле наменети за реализација на истиот проект.

Се упативме и во Липково, да видиме што е направено со парите од трите исплати во износ од околу милион и осумстотини илјади денари за една иста намена. 

Вработените во Општината и жителите на селото Матејче, немаа информации дека тој центар е отворен. Сепак центарот постои, но со клуч на врата. Зад затворената врата затекнавме релативно мал простор, во кој има неколку маси и столици полни со прашина, биро, гарнитура, како и шах и пикадо за рекреација.  

Го контактиравме и претседателот на здружението, Али Реџепи. Тој прво рече дека адресата во скопско Шишево е точна, за подоцна да ни се јави и да каже дека седиштето на здружението е во Липково. Наспроти она што можевме да го видиме на терен, тврдеше дека нивните канцеларии се отворени.

Реџепи, чие здружение има земено пари за опремување и во 2025 година, ни раскажа дека просторот бил реновиран и опремен пред околу два до три месеци, но дека центарот сè уште не започнал со работа бидејќи се чека лиценца.

Повеќе информации требаше да добиеме директно од него, но иако договорена, средбата со него не се случи.

Дека се чека лиценцата, потврдија и од Министерството, од каде ни рекоа дека нивното барање се разгледува од надлежната комисија. Без лиценца, дневниот центар не може да започне со работа.

Но ако договорот е склучен во јуни минатата година, прашање е зошто просторот се опремува дури сега, а барањето за лиценца е поднесено по повеќе од една година. Дополнително, иронична е сумата која е дадена за просторот да биде опремен со стари маси, столици и по некоја фотелја. 

Сподели

Слични