
Неколку родители на ученици од општинското основно училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово реагираа откако нивните деца добиле службен формулар за учебниците само на македонски јазик. Документот, со наслов „Изјава за примени учебници“, се користи за евиденција на учебниците што им се доделуваат на учениците, но во верзијата што им е доставена на родителите нема превод на албански јазик.
Во реакциите упатени до PortaliX, родителите изразуваат разочарување што едно општинско училиште во град со апсолутно албанско мнозинство дели документи само на македонски јазик. Тие бараат од Министерството за образование и од Општина Тетово да обезбедат целосна примена на Законот за употреба на јазиците во сите јавни училишта.
PortaliX ја контактираше директорката на училиштето „Кирил и Методиј“, која ги отфрли тврдењата дека документите се поделени исклучиво на македонски јазик. Во нејзиниот одговор таа нагласува дека лично се занимавала со овие формулари и дека учениците Албанци добиле верзии на албански јазик.
„На почеток овие ги земаат одделенските раководители. Заедно со учениците ги пополнуваат со податоците за примени учебници, а на крајот, родителот ги потпишува заедно со раководителите. Имаме и Македонци што ги добиле на македонски јазик. Тој што се пожалил, слободно нека дојде во мојата канцеларија и нека му докажам со факти, во присуство на раководителите и учениците, дека овој документ го имаме поделено и на албански. Отворена сум за секого, но со овие листови лично сум се занимавала“, изјави Сихана Каба Касами, директорка на ООУ „Кирил и Методиј“ во Тетово.



