XВестиЛокално

Насилство, молк и нож: мрачната страна на интернатот во Велес

По години на малтретирање и понижување, еден инцидент ја отвори приказната за врсничко насилство што, според извори, долго останувало неказнето.

Секој што првпат ќе го види ова видео, би рекол: Што мисли тоа момче да направи со тој нож?
Но, што ако тој бил во самоодбрана и претходно бил жртва на физичка и психичка тортура од свој врсник?

Колку долго трпиш тортура од ова момче?

Две години.

И како изгледа тоа?

Јас стојам во соба, тој доаѓа, ме вознемирува, ме удира, ми го покажува половиот орган.
Ме малтретира, не ме остава да бидам мирен.

Многу пати се случило. Често ме удирал со шлаканици, клоци.

Не само мене, има и уште едно дете на кое му го прават истото. Гледаат дека ние сме послаби од нив, па доаѓаат повеќе лица и нè напаѓаат, опишува нападнатото момче.

Настанот се случил во ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес.
Овој случај беше само повод нашата екипа да истражува подлабоко, а информациите што ги обезбедивме се загрижувачки.

Лицето кое се гледа како го напаѓа нашиот соговорник е син на поранешна општинска советничка од редовите на СДСМ. Според нашите извори, тој постојано поминува неказнето.

Тој, заедно со уште неколку другари, наводно организирале боксерски дуели. А оние што ги избирале, доколку не прифатиле да се тепаат меѓу себе, потоа биле претепувани од истата група.

Последниот случај се случил на 25 март оваа година. Во полиција бил пријавен дури откако ние почнавме да поставуваме прашања.

„Ова се случи кај нас во соба, на ден 25.03.2026 во 21:40 часот. Тој дојде за да се тепаме, да правиме спаринг. Јас му реков дека не сакам, но тој ме присилуваше со сила.

Тој ме удри во лице. Јас одбивав и му реков да не ме удира повеќе, но тој продолжи.
Се изнервирав, ја извадив ракавицата, го зедов ножот и му го доближив до лицето“,
опишува момчето.

Директорот на интернатот, Александар Каракачанов, изјави дека во овој момент не сака да даде изјава, со цел да не влијае врз истрагата што се води. Но, останува нејасно зошто овој случај бил пријавен во полиција 13 дена подоцна.

И полицијата го потврди случајот и кусо ни соопшти дека се работи на негово расчистување.

На крајот, момчето ги зело своите ќебиња и алишта и го напуштило интернатот, свесно за тоа што го направило, но тврдејќи дека немало друга опција.

„Разбирам дека тоа што го направив, што го земав ножот, не е добро. Тоа е моја тешка грешка и можам да завршам во затвор поради ова.

Зошто го направи тоа?

Во самоодбрана го направив.

Не можеше повеќе да издржиш?

Не, не можев повеќе да издржам, затоа што стана неподносливо и морав да го направам тоа за да ми се тргне од глава“, завршува раскажувањето.

Ако мерките биле преземени навреме, дали ќе се случеше ова?
Ако сите деца се еднакви пред редот и законот, дали ќе се случеше ова?

Related Articles

Back to top button