XВестиЛокално

Од Чегране до НАСА: Албон Реџепи дел од мисијата „Артемис II“

Албанецот од Чегране, образуван во Македонија, денес одблиску го води следењето и планирањето на една од најважните вселенски мисии на НАСА.

Кој вели дека соништата имаат граници?

Иако овој сон започна во држава каде што вселенските летала сме ги гледале во филмови од научнофантастичен жанр, Албон Реџепи од Чегране успеа да го претвори во реалност.

„Образованието го завршив во Македонија. Високото образование го стекнав на Универзитетот на Југоисточна Европа, во Тетово. Откако го завршив високото образование, дојдов во Америка за да градам кариера, да продолжам со работа. На почетокот работев за Pfizer, речиси една година. Потоа, во 2023 година, ја презедов улогата на директор, односно раководител на компанијата Dewetron Inc“, изјави Албон Реџепи од Dewetron.

А потоа доаѓа и соработката со НАСА… Најдалечното патување од Земјата на едно вселенско летало со екипаж. Улогата на Албон и неговата компанија? Прецизно да го планираат и следат патувањето на Artemis II.

„На Artemis II работиме веќе четири години. Тие ги користеа нашите производи за да ги направат точните тестирања за тоа каква траекторија ќе има летот и точно каде ќе се вратат. Тие треба да се вратат во Тихиот Океан, во близина на Калифорнија“, изјави Албанецот од Северна Македонија, Албон Реџепи од Dewetron.

Како е можно еден Албанец роден во Чегране, образуван во Македонија, за само седум години да преземе водечка улога во компанија што работи со НАСА?
Едноставно, во Америка етничкото потекло има мала важност.

„Државата игра клучна улога за својот народ. На пример, овде во Америка не гледаат многу на тоа од која националност си, од која држава доаѓаш и каде си роден. Овде постои едно мото: Работи, учи и можеш да успееш. За жал, тоа не е така во сите други држави“, изјави Реџепи.

Албон со својот тим го следи враќањето на Artemis II кон Земјата. А плановите се уште поголеми.

И за крај… Artemis III? Планирате ли повторно да аплицирате за да помогнете, или можеби веќе имате договор?

„Планираме да учествуваме и во Artemis III, IV и V, но не можам да понудам повеќе информации од тоа“, изјави Реџепи.

Следниот чекор – да се стапне на Месечината… Мал чекор за Албон, голем за Албанците во Македонија. PortaliX

Related Articles

Back to top button