
Поранешната специјална обвинителка и јавна обвинителка Ленче Ристоска поднесе оставка од функцијата, откако, како што наведува во писменото известување, и биле одземени овластувањата за застапување во клучни предмети што се наоѓаат во завршна фаза, меѓу кои и предмети поврзани со висок профил на корупција и криминал.
Во писмото за оставка, Ристоска наведува дека функцијата јавен обвинител отсекогаш ја разбирала како повик и можност да придонесе за подобрување на системот, општеството и животот на граѓаните. Таа посочува дека во текот на кариерата работела на случаи кои директно се однесувале на нарушување на општествените вредности и принципи.
Ристоска пишува дека работата на предмети од висок профил носи и „непријатели од висок профил“, кои, според неа, ја користат својата моќ, влијание и врски за да избегнат одговорност. Во тој контекст, таа споменува влијание врз сведоци, притисоци, измени на законски решенија, чување на предмети во фиока и нивно застарување.
Таа наведува и дека јавно ги критикувала состојбите во правосудството, без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците врз сопствената кариера. Според неа, сите тие напори сакала да ги заокружи од раководна позиција, преку нејзината кандидатура за јавен обвинител на државата.
Како клучен момент за нејзината одлука ги посочува случувањата од оваа недела. Ристоска наведува дека Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност, додека државниот јавен обвинител донел одлука за одземање на овластувањата за застапување во клучни предмети што се во завршна фаза.
„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат положбата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предметите кои таргетираат висока корупција и криминал“, наведува Ристоска во писмото.
Таа оценува дека ваквите постапки се во директна спротивност со нејзината визија за обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и доследно го брани јавниот интерес. Поради тоа, како што наведува, повеќе не гледа простор да постапува во согласност со своите принципи и поднела оставка од функцијата јавен обвинител.



