
На 27 март 2026 година, Северна Македонија одбележува шест години од членството во НАТО, процес кој траеше со децении и беше проследен со политички и дипломатски пречки.
Аспирацијата за членство започна уште во 90-тите години, кога земјата се приклучи на програмата „Партнерство за мир“, а потоа и на Акцискиот план за членство – клучниот механизам за подготовка на кандидатите. Сепак, и покрај напредокот во реформите, патот кон НАТО беше блокиран на Самитот во Букурешт во 2008 година.
Тогаш, земјата не доби покана за членство поради спорот со Грција околу името, иако Алијансата го призна напредокот и придонесот во меѓународните мисии. Овој момент претставуваше една од најголемите пречки во евроатлантскиот процес.
Деблокадата дојде дури една деценија подоцна, со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, со кој беше затворен долготрајниот спор и се отвори патот за членство во НАТО. По уставните измени и ратификацијата на договорот, беше отстрането грчкото вето и процесот влезе во завршна фаза.
Во февруари 2019 година беше потпишан Пристапниот протокол, кој потоа беше ратификуван од сите земји членки на Алијансата. На 27 март 2020 година, по завршувањето на оваа процедура, Северна Македонија официјално стана 30-та членка на НАТО.
Членството беше проследено и со реформи во одбранбениот и безбедносниот сектор, зголемување на воениот буџет и усогласување со стандардите на Алијансата, како и со преземање обврски во рамки на меѓународни мисии.
Шест години подоцна, НАТО останува една од клучните стратешки придобивки за државата, поврзана со безбедноста и стабилноста, но и со политички одлуки кои го одредија нејзиниот правец.
Додека за членството во НАТО државата помина низ промена на официјалното име на државата, денес Северна Македонија се соочува со нов предизвик на патот кон Европската Унија. Процесот на европска интеграција е блокиран од Бугарија, која најави дека ќе продолжи да го користи правото на вето сѐ додека не се спроведат уставните измени за внесување на бугарското малцинство во Уставот.
Овој услов останува една од главните пречки за напредок во преговорите со ЕУ, ставајќи ја државата пред нова политичка одлука со долгорочни последици за европската интеграција.PortaliX



