XВестиЛокално

Савески ја презеде функцијата: Нема да има селекција на предмети

Новиот републички јавен обвинител, Ненад Савески, денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, со што и официјално ја презеде функцијата.

По заклетвата, Савески изјави дека обвинителството мора да функционира исклучиво врз основа на законите, без никакво политичко влијание. Тој нагласи дека интересите на политичките партии не се негов интерес и дека политиката нема да биде дел од неговата работа.

„Без оглед на тоа колку гласови сум добил, мојата работа ќе зависи од законските обврски“, рече Савески, осврнувајќи се на тоа што неговиот избор не доби поддршка од опозицијата.

Тој истакна дека нема да прави селекција на предметите и дека секој случај ќе има еднакво значење.

„Секој предмет има еднаква тежина. Нема да има приоритети по нарачка, ниту од било кого. Ќе се постапува според законските процедури кои важат за сите“, изјави Савески.

Во однос на прашањата за можни политички влијанија или отворање и ревидирање на случаи, тој кратко одговори дека веќе дал став на таа тема.

Како приоритет во својата работа, Савески ја најави модернизацијата на обвинителството, вклучително и дигитализација на системот за управување со предмети, со цел зголемување на ефикасноста и транспарентноста. Тој порача дека јавноста ќе има одговори за секој предмет.

Related Articles

Back to top button