
Собранието на Северна Македонија со 66 гласа „за“, два „против“ и осум „воздржани“ го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Тој ќе ја предводи институцијата со шестгодишен мандат, во период кога довербата на граѓаните во правосудниот систем е на многу ниско ниво.
Вицепремиерот Александар Николоски, образложувајќи го предлогот на Владата, изјави дека очекува Савески да придонесе за враќање на довербата во обвинителско-правосудниот систем. Според него, со години постојат сериозни критики кон судството и обвинителството, а довербата на граѓаните во овие институции се движи околу два проценти.
Пратениците од Европскиот фронт, меѓу кои Скендер Реџепи, Илир Хасани и Халил Снопче, истакнаа дека очекуваат новиот обвинител повторно да ги отвори неколкуте чувствителни случаи кои со години предизвикуваат реакции во јавноста. Меѓу нив ги споменаа случајот со модуларната болница во Тетово, случајот со малиот Алмир, како и предметите „Монструм“ и „Алфа“.
Очекувања од новиот обвинител изнесе и пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија, дел од владејачката коалиција. Тој нагласи дека Савески покажува храброст што ја презема функцијата во институција со толку низок степен на доверба и побара да се фокусира на борбата против високиот криминал и олигархијата, вклучително и финансиски структури, банки, оф-шор компании и градежната мафија.
Од опозициската СДСМ, пратеничката Јована Тренчевска предупреди дека постои опасност обвинителството да стане продолжена рака на политиката. Таа оцени дека политичката офанзива на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со најавениот нов Закон за јавно обвинителство, може да доведе до партиска контрола врз системот на кривично гонење.
Во интервју дадено пред изборот, Савески изјави дека нема да води селективна правда и дека за него сите предмети се подеднакво важни. Тој најави дигитализација на работата на Обвинителството, поголема отчетност и транспарентност, како и подобрување на условите за работа, истакнувајќи дека сиромашна институција тешко може да се бори против богат криминал.
Савески ќе ја напушти функцијата судија во Основниот кривичен суд Скопје и повторно ќе се врати во обвинителството, каде претходно работел седум години како јавен обвинител. Кариерата ја започнал како судски приправник во Основниот суд во Гостивар, по што работел како стручен соработник, обвинител и подоцна судија во одделот за организиран криминал и корупција.
Неговиот избор доаѓа по оставката на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во декември 2025 година, додека функцијата привремено ја извршуваше Анита Тополова-Исајловска. Во услови на ниска доверба во правосудството и силни политички дебати, од новиот обвинител јавноста очекува конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата и враќање на довербата во институциите.



