
Контролите спроведени од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на повеќе од 300 бензински пумпи во земјата не утврдиле криење на резервите на гориво.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, информира дека инспекциите биле спроведени во изминатите три до четири дена и дека во неколку случаи било забележано оти околу 30 бензински пумпи привремено го прекинале точењето гориво, откако ги потрошиле своите резерви.
Сепак, според него, ситуацијата брзо се нормализирала, бидејќи по еден до четири часа резервоарите повторно биле наполнети, по што бензинските пумпи продолжиле со продажба на гориво.
„По еден или два часа, понекогаш и по четири часа, по ново полнење на резервоарите продолжуваат со точење на гориво. Таква беше ситуацијата во овие три-четири дена“, изјави Стојкоски.
По зголемувањето на цената на дизелот за 14,5 денари, а на бензините за 5 денари, властите најавуваат построги контроли и на пазарот на прехранбени производи, со цел да се спречи неоправдано покачување на цените.
Стојкоски најави дека ќе биде изготвен оперативен план и ќе се формира тим за контроли во маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна, додека ДПИ ќе ги следи и бруто-профитните маржи.
И премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на мало и големо, а Владата ќе реагира во зависност од состојбата на пазарот.
Според него, Северна Македонија во моментов има најниски цени на горивата во регионот, што довело до тоа граѓани од соседните земји да доаѓаат во земјава за да ги наполнат резервоарите на своите возила, особено во пограничните општини.
Надлежните уверуваат дека во земјата има доволно количини на нафта и нафтени деривати и дека во моментов нема опасност од недостиг на гориво.



