XВестиЛокално

Сиљановска: Четири фемициди во 2026, институциите стануваат соучесници кога молчат

Четири фемициди само во првите два месеца од 2026 година и илјадници пријавени случаи на семејно насилство во текот на минатата година. Во Собранието, во пресрет на 8 Март, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека институционалниот неуспех во превенцијата чини човечки животи, додека задоцнетата реакција ја прави државата соодговорна.

„Институциите можат да бидат активни спасители, но ако не реагираат навреме, стануваат пасивни соучесници. Во 2026 година веќе имаме четири случаи на фемицид – ова е аларм“, изјави претседателката.

Таа потсети дека во текот на 2025 година биле регистрирани 4.745 пријави за семејно насилство и шест убиства. Според неа, оваа реалност ја засенува симболиката на 8 Март, бидејќи општеството секоја година се соочува со нови жртви и сè потешки статистики.

„Не е доволно фемицидот да се предвиди во Кривичниот законик, ако во пракса делата се преквалификуваат или се изрекуваат условни казни наместо најстроги санкции. Законите немаат смисла без нивна примена“, изјави Сиљановска.

Таа нагласи дека со ратификацијата на Истанбулската конвенција државата презела обврска за функционален систем на заштита, додавајќи дека 8 Март не треба да остане само ден со цвеќиња, туку ден за размислување и конкретна акција – за безбедноста и достоинството на жените да бидат вистински загарантирани.

Related Articles

Back to top button