
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија упати апел до сите државјани на Република Северна Македонија кои се наоѓаат во Израел внимателно да ги следат официјалните национални портали за вонредни ситуации и целосно да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции, по влошувањето на безбедносната состојба во земјата и регионот.
„Воедно, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба“, се наведува во соопштението објавено на официјалната Фејсбук-страница на Министерството.
Според информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретен рок за обновување на редовниот воздушен сообраќај, вклучително и летовите од и кон Меѓународниот аеродром „Бен Гурион“.
МНР ги потсетува граѓаните дека во случај на потреба од помош можат да се обратат до Амбасадата во Тел Авив на телефонските броеви +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546, како и на електронската адреса [email protected]. На располагање се и телефонските линии на Министерството во Скопје: +389 75 273 732 и +389 75 268 736, како и електронската адреса [email protected]. Министерството нагласува дека преку дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив континуирано ја следи состојбата и ќе ја информира јавноста за сите нови случувања.
По влошувањето на безбедносната состојба, посебно соопштение објави и Амбасадата во Израел, упатувајќи апел до македонските државјани кои се наоѓаат таму строго да ги почитуваат упатствата на Командата на внатрешниот фронт. На граѓаните им се препорачува да останат во или во близина на заштитени простории, како засолништа или безбедни соби, да се информираат за локацијата на најблиското засолниште, да обезбедат основни залихи како вода, храна, лекови, прибор за прва помош, батериска ламба и наполнети мобилни телефони, како и редовно да ги следат официјалните известувања во реално време преку страниците на израелските власти и локалните медиуми.
Амбасадата апелира граѓаните, веднаш по добивање на предупредување за тревога, да се засолнат во заштитени простории и да останат таму сè додека надлежните органи не потврдат дека е безбедно да се излезе. За оние кои планираат да патуваат кон или да го напуштат Израел, се нагласува дека летовите во моментов се откажани до понатамошно известување и се препорачува континуирано следење на известувањата од авиокомпаниите и надлежните институции. Амбасадата соопшти дека ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбедува дополнителни информации по потреба.


