XВестиЛокално

Уапсен на „Блаце“ Артан Груби

Артан Груби, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, е уапсен утрово на граничниот премин Блаце во 06:10 часот, откако, според информациите, се предал при влез во државата.

Груби беше баран со меѓународна потерница од 17 декември 2024 година, откако Основното јавно обвинителство отвори истрага за проневера на 8,2 милиони евра во „Државна лотарија“.

Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор нему и на второосомничениот, поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој сè уште е во бегство.

Груби се товари за кривично дело „Проневера во службата“ од член 354 од Кривичниот законик. Според Обвинителството, постои основано сомнение дека тој, заедно со директорот на претпријатието и уште шест лица, учествувал во незаконски постапки за јавна набавка со кои е предизвикана финансиска штета од 8,2 милиони евра.

Истрагата се однесува на одлуката за набавка на видеолотариски терминали (ВЛТ) во вредност од 501.319.119 денари. Обвинителството нагласува дека „Државна лотарија“ немала законско право самостојно да приредува електронски игри на среќа, бидејќи уште во 2013 година тоа право го вложила како непаричен влог во друштвото „Казинос Аустрија“ ДОО Скопје, стекнувајќи 51% од основната главнина.

Според наводите, на 6 јуни 2023 година, Груби како вицепремиер претседавал со седница на Владата во својство на Собрание на акционери и ја усвоил информацијата за започнување на постапката, иако органот немал надлежност за таква одлука. Потоа биле спроведени јавни набавки и склучени договори за терминалите, кои според Обвинителството никогаш не биле ставени во употреба.

На 9 декември 2024 година, Груби и судијата Енвер Беџети беа ставени на црната листа на Стејт департментот на САД поради сомнежи за вмешаност во корупција.

По денешното апсење на Блаце, поранешниот вицепремиер се очекува да биде изведен пред судија на претходна постапка, кој ќе одлучува за мерката за обезбедување негово присуство.PortaliX

Related Articles

Back to top button