XВестиЛокално

40 тони дрога запленети и продолжува…

Јавното обвинителство официјално реагираше по последните полициски акции, во кои се запленети околу 40 тони марихуана од фирми и компании лиценцирани за одгледување канабис за медицински цели во државата.

Според Обвинителството, станува збор за обемна и координирана операција, во која на терен дејствувале структурите на Министерството за внатрешни работи, додека истрагите паралелно се водат во неколку насоки.

Во соопштението се наведува дека Обвинителството тесно соработува и со Комисијата за одобрување на одгледување канабис за медицински цели, која функционира во рамки на Министерството за здравство, со цел да се утврди како канабис произведен со важечка лиценца завршил надвор од дозволените и законски канали.

Истрагите се водат во континуирана координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со територијална надлежност, кои постапуваат по кривични дела поврзани со нелегално производство, складирање и дистрибуција на наркотични дроги.

Клучен сегмент од истрагата е и меѓународната димензија на случајот. Обвинителството потврдува дека е во директна комуникација со Јавното обвинителство на Република Србија, со цел размена на релевантни информации кои треба да помогнат во утврдување на можната поврзаност меѓу заплените извршени во Србија и марихуаната за која се сомнева дека потекнува од Северна Македонија.

Во исто време, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија информираат дека се преземаат и други истражни дејствија – се сослушуваат одговорни лица во компаниите, вработени и други сведоци, со цел прибирање конкретни докази и целосно расчистување на патот на дрогата, од производството до нејзината крајна дестинација.

Овој случај, заедно со низа други полициски акции од изминатиот период кои открија бројни злоупотреби поврзани со марихуаната, повторно ја отвори дилемата дали дел од компаниите навистина одгледуваат канабис исклучиво за медицински цели.

Трошоците и строгите правила за работа во оваа дејност во Северна Македонија се високи, а брзиот и полесен пат – продажбата на сувата билка на црниот пазар – носи моментален профит. Токму оваа шема, според сомнежите на институциите, ја следеле повеќе бизниси.

Дополнително, сѐ уште нема сеопфатна анализа за тоа колкава корист имал државниот буџет од работењето на овие компании од 2017 година наваму. Од вкупно 61 издадена лиценца, 14 компании веќе ги изгубиле дозволите, додека уште четири се во постапка за нивно одземање.PortaliX

Related Articles

Back to top button