Од МВР потврдуваат пријави за вознемирување при наплата.
„Ако не платите рата, теренска наплата ќе ве посети дома или на работа“.
Вакви телефонски јавувања со заплашување добивал 26 годишниот скопјанец Мартин, кој земал пари од финансиско друштво за брз кредит. Ратите вели дека ги плаќал навремено, се до пред два месеца кога му излегле дополнителни финансиски тешкотии. Оттогаш, неговиот телефон не престанал да ѕвони секојдневно, каде операторите од другата страна се заканувале дека нивни агенти за теренска наплата ќе го посетат на домашна адреса и на работното место.
„Го читав договорот и во него јасно пишува дека после 90 дена од неплаќање на кредитот, тие можат да ме дадат на извршител. Тоа ми е комплетно јасно и им го посочив на нив. Сепак, разговорите од нивна страна одат во друга насока, со користење лихварски методи на закани за доаѓање дома. Од каде го црпат правото за предизвикување стрес?“, прашува тој, притоа не сакајќи да се открие неговиот идентитет и името на финансиското друштво за да не се соочи со проблеми.
Во разговор за ПорталХ, Мартин кажа дека го охрабрило да зборува за непријатностите кои ги доживеал откако во јавноста беа објавени бројни незаконски примери на функционирање на овие продавници за брзи пари и најавата на државата дека ќе ги заузда да работат во рамки на законите.
„Знаете како е кај нас. Секој ќе молчи за проблемот што го има, наместо да се охрабри да говори. Планирам ова да го пријавам и ќе го водам и судски ако треба“, вели тој.
Адвокатската канцеларија Ваневски посочува дека во последно време, се забележува појава на теренска наплата на долгови, каде физички лица или претставници на компании доаѓаат директно во домовите или работните места на должниците, барајќи непосредна наплата на долг.
Теренска наплата на долг подразбира дека доверителите или агенции за наплата на долгови испраќаат свои претставници на адресата на должникот со цел лично да го принудат на плаќање на долговите. Ова може да се манифестира преку закани, притисок и заплашување, што претставува сериозно нарушување на личната безбедност и приватност.
Од адвокатската канцеларија Ваневски пишуваат дека теренската наплата на долг е незаконска бидејќи физичкото присуство и притисок врз должникот може да се смета како закана, уцена и притисок, што е спротивно на законите за заштита на личната безбедност и нарушување на приватноста.
„Наплатата на долгови треба да се спроведува преку судски постапки и официјални правни канали, а не преку физички притисок и закани. Веднаш пријавете го инцидентот во полиција. Обезбедете сите информации за лицата кои се обиделе да го наплатат долгот, вклучувајќи ги нивните имиња, опис и други релевантни детали“, советува адвокатската канцеларија.
Пријави веќе има и во Финансии и МВР
Дека искуството на скопјанецот Мартин не е исклучок, покажуваат и пријави на други граѓани за ваквото незаконско постапување.
Во Министерството за финансии, кое има клучна улога во регулирањето и надзорот на финансиските друштва кои нудат брзи кредити (потрошувачки кредити од нефинансиски институции) велат дека во 2025 година се пристигнати околу 50 жалби од граѓани коишто се однесуваат на работењето на финансиските друштва, па преку Одделението за следење и надзор постапувале.
„Меѓу пријавите две се однесуваат на вознемирувања при наплата на кредити, за што граѓаните се упатени да се обратат до надлежното Министерство за внатрешни работи со цел да се поднесе соодветна пријава. Во останатите случаи онаму каде што се констатирани неправилности Министерството за финансии има изречено прекршочни налози на четири финансиски друштва, како и 26 мерки-наредби. Кај едно друштво е констатирана наплата на повисок износ од законски дозволениот, за што Министерството за финансии презема мерки согласно закон и има можност да изрече прекршочни санкции и мерки кон финансиското друштво. Евентуалните спорови помеѓу финансиските друштва и нивните клиенти се во належност на судовите“, одговорија од министерството.
Пријави има и во полицијата. Според податоците од МВР добиени од известувања од Секторите за внатрешни работи, во изминатата 2025 година на територијата на цела држава пријавени се вкупно 12 настани поврзани со вознемирување и закани од компании за брзи кредити за време на наплата на долгови.
„Во врска со осум од настаните изготвени се записници за прием на кривични пријави, за два настани во кои нема елементи за гонење по службена должност изготвен е службен материјал, еден настан е реализиран како кривично дело кое се гони по приватна тужба, додека во еден настан изречено е усно предупредување“, одговорија од МВР за ПорталХ.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на брифингот со новинарите организиран во Министерството за финансии кон крајот на декември 2025 година (околу 29 декември) ги соопшти деталите од инспекциските контроли спроведени врз финансиските друштва кои нудат таканаречени брзи кредити. Оваа прес-конференција дојде по низа надзори кои открија сериозни незаконитости во работењето на овие друштва, особено во однос на надминување на законските лимити за вкупни трошоци, камати и провизии.
Во текот на 2025 година, според податоците презентирани на брифингот, финансиските друштва за брзи кредити склучиле вкупно 228.880 договори кои заедно достигнале вредност од околу 133 милиони евра, од кои 114 милиони евра се однесуваат исклучиво на кредити за физички лица. Ова покажува колку е голем обемот на овој пазар, но и колку е сериозен проблемот со злоупотребите.
Инспекциите утврдиле дека дел од друштвата систематски наплаќале трошоци над дозволените граници – на пример, за кредит од 20.000 денари, клиентите биле обврзани да вратат над 30.000 денари поради скриени провизии, административни трошоци и превисоки камати. Овие практики се сметаат за класична форма на лихварство, што доведува до презадолженост на граѓаните, особено на оние со ниски примања кои бараат итни заеми.
Како резултат од контролите, Министерството досега издало повеќе од 30 прекршочни пријави, опомени и наредби за задолжително враќање на незаконски наплатените средства директно кај засегнатите клиенти. Глобите за овие прекршувања достигнуваат до 10.000 евра по случај, а во потешки ситуации се разгледува и опција за одземање на лиценци за работа. Досега не е дојдено до одземање лиценци, делумно за да не се загрозат правата на веќе задолжените граѓани кои би останале без можност за рефинансирање на своите долгови.
Министерката Кочовска нагласи дека овие мерки се дел од поширока кампања за зајакнување на надзорот врз 26-те регистрирани финансиски друштва во земјата, со цел да се спречи понатамошно експлоатирање на потрошувачите.ПорталX


