
Полицијата на Албанија во Тирана уапси државјанин на Република Северна Македонија, кој бил на меѓународна потерница поради тројно убиство извршено во 2007 година, а со години бил во бегство.
Според официјалното соопштение, апсењето е реализирано во рамки на 80-тата фаза од полициската операција со кодно име „Операционалја“, по повеќемесечна истрага и потрага спроведена од Дирекцијата на Специјалната оперативна сила при Одделот за криминалистичка полиција.
Уапсениот е Бесим Шерифи (52), жител на селото Копаница, Општина Сарај. Тој бил приведен во реонот на Суво Езеро во Тирана, каде подолг период се криел користејќи фалсификувани лични документи, на име на државјанин на Косово.

„Од извршените детални проверки е утврдено дека лицето било распишано на меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако Основниот суд во Скопје во 2007 година му изрекол мерка притвор за кривичното дело ‘Убиство’, за кое Кривичниот законик на Република Северна Македонија предвидува максимална казна – доживотен затвор. Според сомневањата, на 05.10.2007 година, во селото Копаница, Скопско, со огнено оружје усмртил три лица“, соопшти полицијата.
При извршен телесен претрес и претрес во неговиот престој, полициските службеници пронашле и одзеле:
- косовски пасош,
- косовска лична карта,
- фалсификувана возачка дозвола на име на државјанин на Косово.
Поради кривичното дело „Фалсификување исправа“, предметот е доставен до Обвинителството при Основниот суд со општа надлежност во Тирана за понатамошна постапка.
Во меѓувреме, Интерпол Тирана, во соработка со Интерпол Скопје, ги продолжува постапките за екстрадиција на уапсениот во Република Северна Македонија.


