
Со текот на годините, законските измени и роковите на застареност значително го намалуваат бројот на активни кривични постапки против поранешниот премиер Никола Груевски. Според актуелната законска рамка, постои реална можност до 2035 година да не остане ниту едно активно кривично обвинение против него.
Најновиот случај што е запрен поради застареност е дел од предметот „Талир“, кој се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. За овој дел, кривичниот прогон е трајно запрен, бидејќи е истечен законскиот рок за гонење.
Сепак, постапката за преостанатиот дел од „Талир“, конкретно „Талир 1“, кој се однесува на перење пари, сè уште трае. Ова кривично дело има најдолг рок на застареност и, според важечките одредби, може да се гони до 2035 година. Воедно, ова е и последниот предмет со максимален законски рок кој моментално го оптоварува Груевски.
За разлика од „Талир 1“, другите активни предмети имаат значително пократки рокови на застареност. Предметот „Титаник“, кој се однесува на злоупотреба на изборни средства и повреда на избирачкото право, нема рок на застареност што се протега до 2035 година и, доколку постапката не заврши со правосилна судска одлука, постои можност и овој предмет да се затвори порано.
Истото важи и за „Талир 2“, каде што рокот на застареност зависи од конкретната кривично-правна квалификација и не го достигнува нивото на најтешките финансиски кривични дела.
Во меѓувреме, дел од најпознатите случаи против Груевски веќе се затворени поради застареност, меѓу кои:
- „ТНТ“
- „Траекторија“
- „Скопје 2014“
- „Феникс“
Истрагата за насилните настани во Собранието на 27 април 2017 година останува во мирување поради недостапноста на обвинетиот, а постапката не се води активно.
Доколку тековните процеси не завршат со конечни судски одлуки и доколку не дојде до нови законски измени, правниот сценарио е јасно: предметите со пократки рокови може да застареат пред 2035 година, а со евентуалното затворање на „Талир 1“, Груевски може да остане без ниту една активна кривична постапка.PortaliX



