
Универзитетските професори во Северна Македонија повеќе нема да можат мирно да го чекаат пензионирањето откако еднаш ќе бидат избрани во звање. Според новиот Закон за високо образование, тие ќе мора на секои седум години да поминуваат низ постапка на реизбор за да ја задржат својата академска позиција.
Доколку не го поминат реизборот, на професорите ќе им престане работниот однос и ќе треба да бараат друга работа. Ова е една од најзначајните новини содржани во новиот закон, кој се наоѓа во завршна фаза и наскоро ќе биде ставен на јавна расправа преку системот ЕНЕР.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на брифинг со новинарите изјави дека се враќа обврска која претходно била укината. Таа појасни дека најнапред се враќаат критериумите за напредување во академските звања, а за редовните професори се воведува задолжителен реизбор на секои седум години.
„Досега, професорите на околу 40-годишна возраст стануваа редовни професори и спокојно го дочекаа пензионирањето на 67 години, со звање што важеше доживотно. Со новото законско решение, на секои седум години ќе подлежат на задолжителна евалуација“, објасни Јаневска.
Таа додаде дека критериумите за реизбор, како и институциите што ќе го спроведуваат процесот на оценување, ќе бидат прецизно дефинирани во новиот Закон за високо образование.


