
Пари за туѓа нега земала сегашната директорка на Центарот за социјални работи, Магдалена Веселиноска додека била вработена во истиот центар кој и ја дал негата. До вакви документи дојде кои ја потврдуваат информацијата дека Веселиновска побарала и добила нега.
Се започнало на 03.06.2021 година кога Веселиноска со дијагноза „Леиомиом на матка доставила барање за туѓа нега“. Оваа дијагноза ја имала претходно, а доктори од Клиничката болница во Тетово требало да дадат конзилијарно мислење.
Тројцата лекари одлучиле дека на пациентката сепак со оваа дијагноза не треба да и се одобри барањето за туѓа нега. Негативната одлука на лекарите како што може да се види од документите е донесена на 19.07.2021 година односно месец и половина по нејзиното барање. Потпис на ова ставиле докторите Александар Коцевски, Надри Ајрули и Насер Ќафјани. Тие како забелешка додале дека лицето има можност од рехабилитација и да се јавува на редовни контроли.

Втор и успешен обид за туѓа нега
Но, сегашната директорка, а тогаш вработена во социјални грижи била упорна да добие нега. Поднела барање за конзилијарно мислење по втор пат.
Овој пат и била утврдена дијагноза F32.2 или тешка депресивна епизода. Прво била на специјалистички преглед кај доктор Александар Коцевски, еден од докторите кој и претходно е потпишан на негативното решение, а е од тетовската болница. Кај докторот било утврдено дека дошла откако пред осум месеци и починал сопругот од инфекција од вирусот Ковид 19.
Извештајот за нејзината состојба е изработен на 26.08.2021, а во него уште е утврдено:
„Пациентката е со страв, лоши мисли, нерасположение, безволност, намален апетит, пореметен сон, чувство на слабост и малаксаност. Да се упати на комисија за туѓа нега. Терапија – малантонин 5мг, 1 таблета навечер. Контрола за два месеци“, пишува во специјалистичкиот преглед.
Веднаш по ова таа се упатила на комисија, составена од истиот доктор кој и го направил прегледот и двајцата доктори кои се потпишани и на претходното негативно решение. Но со дијагнозата за депресија овој пат тие донеле позитивно решение.
На конзилијарното мислење донесено на 04.10.2021 година докторите само ја потврдиле дијагнозата „Тешка депресивна епизода без психотични симптоми“ , оценаката била дека има потреба од туѓа нега но во помал обем и и било препорачано да продолжи со лекувањето и да дојде на контрола по шест месеци.

И вработена и нега од центарот со „гратис“ неколку месеци
Со оваа медицинска документација институцијата каде била вработена сегашната диркеторка, и одобрил користење на туѓа нега. Во решението пишува дека се работи за нега од помал обем во вредност од 4 039 денари сметано од 03.06.2021 година. Но, нејасно е зошто центарот донел ваква одлука, негата да важи од јуни, а не од октомври, кога првичното мислење добиено во јуни било негативно. Позитивно конзилиумот од доктори одлучил дури четири месеци подоцна, па така Веселиноска си добила четири месеци „гратис“ частење од државата од институцијата каде и била вработена а сега е директорка.

Уште повеќе зачудува тоа што во образложението на решението пишува дека сепак е донесена одлука според конзилијарно мислење донесено во октомври.
„ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа“ на град Тетово решавајќи по барањето на именуваниот за остварување на правото за надоместок за помош и нега од друго лице, а врз основа на извршениот увид приложената документација и Наодот, оценката и мислењето на стручната комисија за давање наод оценка и мислење за потребата од помош и нега од друго лице од 04.10.2021 година утврди дека барањето е оправдано и уважено“, пишува во образложението.
На корисникот му се наложува да оди на контролен преглед по 6 месеци сметано од тој датум.
ПорталX ја праша сегашната директорка а тогаш вработена и корисник на туѓа нега, како е можно да земе пари од институцијата во која работи и тоа со конзилијарно мислење на доктори кое првично било негативно.
Таа вели дека не се мешала во процедурите бидејќи во тоа време била само вработена во институцијата. Според неа овие информации ги „вадат“ луѓе кои се осомничени за криминал, а со цел да дефокусираат.
Сепак според дел од познавачите дијагнозата која и е дадена со второто конзилијарно мислење е сомнителна, за да се дојде до туѓа нега.
До сега во јавност се обавени многу стории на луѓе кои со тешки дијагнози не успевале да дојдат до ова право.
Веселиновска беше именувана за директор на центарот на 2 септември 2024 година, со промената на власта која ја презема коалицијата ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН.ПорталX


