
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска присуствуваа на промоцијата на 120 нови службени возила за потребите на Полицијата на Република Северна Македонија, во рамки на процесот на модернизација на капацитетите на Министерството за внатрешни работи.
Новите возила ќе бидат распределени во полициските единици низ целата држава и ќе овозможат побрза реакција на терен, поефикасно извршување на службените задачи и зголемено полициско присуство во средините каде што граѓаните имаат најголема потреба од безбедност.
Тошковски истакна дека станува збор за прва набавка на полициски возила по 15 години и дека возилата се модерни и опремени со современи „ТЕТРА“ системи, кои им овозможуваат на полициските службеници полесно да вршат проверки и анализи на податоци на лице место. Вредноста на набавката изнесува 202.600.000 денари, при што се остварени заштеди од над 30 милиони денари, кои ќе бидат искористени за набавка на друга полициска опрема. Возилата имаат и петгодишна гаранција со редовен сервис.
Премиерот Мицкоски го оцени проектот како значаен чекор за зголемување на мобилноста на полицијата, нагласувајќи дека безбедноста на граѓаните и борбата против криминалот и корупцијата остануваат врвен приоритет на Владата.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека оваа набавка е дел од поширок процес на модернизација на полицијата, кој опфаќа нова опрема, дигитализација, унапредување на обуките и системски реформи со цел поефикасна и попрофесионална полициска служба.


