XВестиЛокално

Енергетска кризна состојба на сила 7 дена, Владата на Северна Македонија ги активира резервите на мазут

Владата на Северна Македонија на вчерашната редовна 138. седница, по предлог на Управниот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, во траење од седум дена, од денот на стапување во сила на одлуката.

Причина за ваквата одлука е неможноста за обезбедување мазут, неопходен за производство на електрична и топлинска енергија. Согласно одлуката, задолжителните државни резерви на нафтени деривати ќе бидат пренесени без надомест, а АД ЕСМ е задолжена да доставува извештаи до Владата и Министерството за финансии за потрошувачката на мазутот.

Одлуката следи по барањето на Електрани на Северна Македонија до Владата да прогласи кризна состојба на пазарот на електрична енергија, со цел да се овозможи користење на државните резерви на мазут сѐ додека не се надмине проблемот со снабдувањето од Грција.

Само два дена претходно, министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека граѓаните можат да бидат мирни и дека нема енергетска криза, посочувајќи дека прогласувањето кризна состојба е техничка мерка.

„Државата располага со резерви на мазут и нема да има енергетска криза“, изјави Божиновска, додавајќи дека станува збор за околу 11 илјади тони мазут од државните резерви, наменети за потребите на термоцентралите.

Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на цената на електричната енергија, која ќе се применува од 1 јануари 2026 година. Зголемувањето ќе изнесува од 2,45 до 3,84 проценти, во зависност од блокот на потрошувачка, додека евтината тарифа ќе поскапи за 2,5 проценти.

Related Articles

Back to top button