
Градот Скопје се подготвува за новогодишната атмосфера, а годинашната празнична декорација ќе ја изведе фирмата „Линк Медија Плус“, единствена понудувачка на распишаниот тендер. За украсување на централното подрачје и главните булевари, градот ќе плати 3.260.000 денари – околу 53.000 евра. По доставување на банкарската гаранција, се очекува да биде потпишан договорот и да започнат подготовките.
„Линк Медија Плус“ и претходно имала ангажмани од институции: годинава ги доби тендерите за новогодишно украсување во Општина Центар и во Општина Штип, а во минатото работела на декорации во Кавадарци, Чаир и во Скопје Сити Мол. Преку системот за јавни набавки, фирмата обезбедила и услуги како одржување на службени возила на Управата за финансиска полиција, чистење улици и набавка на контејнери.
Што предвидува декорацијата?
Според тендерската спецификација, фирмата треба да постави новогодишни и светлосни елементи на повеќе локации низ Скопје. Најголем дел од декорацијата ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде ќе бидат поставени:
- новогодишна елка висока најмалку 13 метри, со метална конструкција, вештачко зеленило, украси и светилки;
- 3Д фигура мече висока 4 метри;
- големи алуминиумски светлосни ѕвезди во две димензии;
- 3Д рамка за фотографирање во форма на Дедо Мраз;
- ѕвездено небо со површина од најмалку 800 м²;
- лед-мразулци и светлосна обвивка на 25 столбови од канделабрите.
Покрај плоштадот, ќе се украсуваат и главните скопски улици и булевари: „Даме Груев“, „Димитрија Чуповски“, „11 Октомври“, „ВМРО“, „Гоце Делчев“, „Партизански одреди“, како и улицата „Филип Втори Македонски“. На нив ќе се поставуваат висечки светлосни елементи, лед-фигури, мразулци и декоративни конструкции.
Иако проектот е подготвен, градските власти сè уште немаат соопштено кога точно ќе започне поставувањето на декорацијата, ниту каква ќе биде новогодишната програма за дочекот на 2026 година. Граѓаните засега остануваат без информација и за тоа кој ќе настапува на плоштадот во новогодишната ноќ.


