
СДСМ денеска го претстави проектот „Бомби 2.0“, кој според партискиот лидер Венко Филипче, ќе служи за разоткривање скандали и корупциски шеми за кои партијата тврди дека се поврзани со функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Во рамки на новата програма „Нова сила“, партијата формира специјален антикорупциски тим кој ќе анализира документи, ќе објавува случаи и ќе поднесува пријави до домашни и меѓународни институции.
Филипче соопшти дека СДСМ упатило официјална покана до европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија и лично да се запознае со скандалот со ИПАРД-фондовите, каде што – според него – се загрозени 130 милиони евра европски пари. Тој го нарече овој случај „најголема злоупотреба на европски средства во историјата на државата“, за која ги обвини лица блиски до премиерот Христијан Мицкоски.
Партијата најави и нова онлајн платформа на која граѓаните од целата држава ќе може да пријавуваат скандали, да прикачуваат документи и докази.
Филипче додаде дека СДСМ ќе побара поддршка и од италијанските антикорупциски институции, користејќи го нивното долгогодишно искуство во борбата со мафијата, „за да се спротивставиме на мафијата на ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој потврди дека „првите бомби 2.0“ се веќе подготвени и дека утре ќе биде објавен нов скандал кој, како што тврди, вклучува високи претставници на власта.
„Борбата допрва почнува. Корупцијата мора да престане и секој што крадел ќе одговара“, порача Филипче.


