
Адем Чучул од денес е новиот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако пратениците во Собранието го избраа со 81 глас „за“. Постапката за избор следеше по интервјуирањето на неколку кандидати, но долгогодишното искуство на Чучул во рамки на самата институција беше пресудно.
Тој е дипломиран правник од Скопје и еден од најискусните технички функционери во Антикорупциската, каде што работи повеќе од 19 години. Во постарите документи се појавува како „советник за спречување на корупцијата во политиката“, а во поновите и на официјалната веб-страница на Комисијата е наведен како генерален секретар и лице за односи со јавност.
Со неговиот избор на чело на Комисијата, се очекува реорганизација на дел од процесите и засилен фокус на предметите што се однесуваат на високи функционери, политичко финансирање и конфликт на интереси. Изборот на Чучул доаѓа во период кога од Антикорупциската се бара поголема транспарентност и поопипливи резултати во борбата против корупцијата.


