XВестиЛокално

Сите обвинети за пожарот во „Пулс“ се изјаснија за невини

Сите обвинети за трагичниот пожар во дискотеката „Pulse“ во Кочани, каде што загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, денеска се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар. На рочиштето во судот во Идризово, дел од обвинетите изразија жалење за настанот, но и покрај тоа, не ја прифатија вината за кривичното дело „тешки кривични дела против јавната безбедност“.

Судењето се одржа под засилени мерки за безбедност, со присуство на 37 обвинети – сопственици на локали, менаџери, поранешни градоначалници, инспектори, обезбедување и државни службеници – како и роднини на жртвите, претставници на обвинителството, одбраната, домашни и странски новинари и јавноста.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, повтори дека доказите ќе покажат оти дискотеката „Pulse“ била „смртоносна замка од самиот почеток“, последица на системска негрижа и институционални пропусти. Обвинителот Борче Јанев потсети дека се бара јасна индивидуална одговорност и дека општеството мора да се соочи со вистината – „кој дозволил, кој молчел и кој не спречил“.

На претходното рочиште, Судот го одложи процесот поради приговори од дел од адвокатите дека интегрираната обвинителна постапка со доказите не им била уредно доставена. Денеска, за да се избегне дополнително одолговлекување, судијата одлучи да продолжи со изјави поврзани со имотно-правните барања и кривичната постапка на оштетените. Присутните правни застапници на семејствата на жртвите изјавија дека се приклучуваат кон гонењето и дека ќе ги користат правата за надомест на штета преку граѓански постапки.

Според Обвинителството, трагедијата од 16 март 2025 година е резултат на долгогодишно игнорирање на опасностите: дискотеката работела без противпожарна заштита, со запечатени прозорци, со лесно запалливи и токсични материјали и со само еден излез за евакуација, а кобната вечер внатре биле пуштени повеќе од 600 гости, меѓу кои и деца.

На обвинителната клупа седат 34 физички лица и три правни лица. Меѓу обвинетите се:
Дејан Јованов, Митко Стојанов, Михаил Јованов, Гроздан Милковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Готчев, Ратко Димитровски, Николчо Илиев, Љупчо Папазов, Јане Јанчевски, Лазар Жариев, Ивица Грожанов, Мартин Горгиев, Стојанчо Димитриев, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џеват Селами, Љупчо Грнчиштанов, Валон Сараќини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шовкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Блашкана Ефтимова Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и трите правни лица: „MMMM KAFE“ ДОО Кочани, RUBICON SECURITY SOLUTIONS и VENCI PROEKT ДОО Кочани.

Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а поради бројот на обвинети, сведоци и обемот на доказите, се очекува процесот да трае со месеци.

Related Articles

Back to top button