
Првите резултати од системот „Safe City“ се веќе објавени – и бројките се загрижувачки. Во само првите 24 часа од функционирањето, камерите регистрирале 110.000 прекршоци, од кои 5.000 за поминување на црвено, додека дури 90% од сите прекршоци се за пречекорена брзина.
Овие податоци се дел од пробниот период што трае во текот на декември, а казните официјално ќе започнат да се изрекуваат од 1 јануари 2026. До тогаш возачите ќе добиваат само предупредувања.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека резултатите од првиот ден се јасен показател за состојбата на терен:
„110.000 прекршоци во Скопје за 24 часа… 5.000 за црвено, а 90% од прекршоците се пречекорување на брзината. ‘Safe City’ не е совршен, сигурно ќе има елементи кои ќе ги подобриме. Отворени сме за унапредување,“ изјави тој.
За толеранцијата на брзината Тошковски додаде:
„Некои земји во Европа немаат никаква толеранција, некаде е 10%. Ќе дискутираме во наредниот период и ќе одлучиме.“
Системот важи и за странските возила. Министерот објаснува како ќе се казнуваат тие:
„Ниту странските возила нема да бидат исклучени од регистрирањето на прекршоци. Не можеме да ги спречиме да ја напуштат државата, но ќе бидат информирани дека нема да можат повторно да влезат во Македонија доколку не ја платат казната.“
Тој откри и дека веќе има санкции и за функционери:
„Во последниот период казнети се најмалку тројца министри… и ние користиме приватни возила и нема да бидеме поштедени.“
Декември останува период на предупредувања, а јануари ќе покаже колку „Safe City“ ќе влијае врз намалување на прекршоците и подобрување на сообраќајната култура.



