
Министри – ќе магистрираат, директори – ќе докторираат.
Бојан Христовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност и официјално се запиша на докторски студии на Факултетот за безбедност, открива ПорталХ.
На 25 ноември 2025 година, Советот на докторски студии на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола ја утврдил прелиминарната листа за прием на студенти на третиот циклус – докторски студии при Факултетот за безбедност во Скопје, на студиската програма по безбедност.
Според листата објавена на веб-страницата на Факултетот за безбедност, последниот и петти кандидат е магистерот Бојан Христовски, директор на АНБ, кој е селектиран со просечна оценка од 8,75 од своите претходни магистерски студии од областа на криминалистиката и кримологијата на истиот факултет. Во споредба со другите кандидидати, Христовски има најниска оценка, но доволно висока (потребен е просек од 8.0 од додипломски и постдипломски студии) за да биде избран. Неговиот ментор ќе биде професорот Оливер Бачановиќ.
На изборот му претходело интервју на кандидатите. Документот покажува дека Христовски го фатил вториот уписен рок на објавениот конкурс на студенти на третиот циклус студии на Факултетот за безбедност 2025/2026 година. Студиската програма трае три години, односно шест семестри.
Според членот 14 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трет циклус студии на Универзитетот „Св. Климет Охридски – Битола“, Христовски ќе мора во текот на студиите, а најдоцна до одбраната на докторската дисертација да објави најмалку два труда во референтна научна публикација согласно Законот за високото образование. Изработката на докторантскиот труд треба да изнесува 200-300 страници.
ПорталХ се обрати официјално до АНБ со директни прашања за нејзниниот директор Бојан Христовски поврзани со неговата академска амбиција да стане иден доктор на науки.
ПорталХ го праша Христовски како планира да го организира времето и работните приоритети, имајќи ја предвид огромната одговорност на позицијата директор на Агенцијата за национална безбедност и интензивниот ангажман што го бара следењето на предавања, истражувањето и пишувањето на докторатот. Дополнително, дали постои ризик дека паралелното извршување на двете улоги — директор и докторант, може да доведе до намалување на ефикасноста или транспарентноста, како во управувањето со службата, така и во самата академска работа. Прашавме и дали докторатот кој планира да го пишува во областа на безбедноста за негов личен академски напредок што е и негова службена надлежност е потенцијален судир на интереси.
До крајот на работното време, не добивме повратен одговор од Христовски на прашањата.
Бојан Христовски не е единствениот кој покрај раководната функција, заплови во академските води. Двајца министри, истовремено, градат своја академска кариера врз основа на функциите и ресорите што ги контролираат.
Пред два месеци, дебатата за потенцијалниот конфликт на интереси – министер – магистранд се вжешти и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој запиша магистратура на Правниот факултет “Јустинијан Први” при УКИМ. Темата на магистерскиот труд е “Криминолошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во јавниот сообраќај” – тема која е тесно поврзана со владините проекти “Безбеден град” и “Безбедна држава” кои треба да профункционираат од 1 јануари 2026 година.
Тошковски, кога беше прашан во интервју за „360 степени“ дали гледа проблем во тоа што магистрира на тема од ресорот кој раководи, беше категоричен: “Апсолутно не.” Министерот кажа дека неетички потег би имало во случајот само ако тој злоупотребел податоци што би биле достапни само за него, но, не и за другите магистранди од областа. Притоа, напомена дека спие само по пет часа дневно и ќе има време за магистратура.
Магистратура од областа на правосудството пријави и министерот кој раководи со овој ресорот правда – Игор Филков. Неговиот магистерски труд ќе биде на тема “Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда”. И тој негираше каков било конфликт на интереси, велејќи дека во македонското законодавство не постои категорија „конфликтна“ или „неконфликтна“ тема за магистерска работа.


