
Од 2027 година, партиските вработувања во јавната администрација се заменуваат со нов систем на професионализација: секој кандидат што ќе сака да се вработи во администрацијата ќе мора да помине 120 часа обука во Академијата за јавни службеници и потоа да полага испит пред професионална комисија. Овој модел има за цел да создаде деполитизирана, стабилна и меритократска администрација.
Министерството за јавна администрација го привршува циклусот на годишни обуки за 2025 година, во кои беа вклучени над илјада административни службеници од Скопје, Полошкиот регион, Исток и Пелагонија. Од Битола, министерот Горан Минчев најави дека основањето на Академијата во 2027 година ќе постави нови стандарди за регрутација и подготовка на администрацијата.
Според него, јавната администрација е „крвотокот на државата“, а нејзината професионализација претставува инвестиција во стабилност и доверба. „Кога службеникот постапува чесно и професионално, граѓанинот не гледа партија – туку држава“, нагласи Минчев.
Покрај задолжителната обука, ќе се воведе и систем на континуирано професионално усовршување, кој ќе ги надградува знаењата и вештините на администрацијата и ќе ја приспособува на новите технологии, дигитализацијата и европските стандарди.
Реформите се темелат на новиот Закон за професионален развој и обука на административните службеници, како и на Законот за високо раководен службен кадар, со кои се создава професионална, транспарентна и деполитизирана структура на управување.
„Ова е почеток на нова ера во која администрацијата вработува според знаење и заслуги, а не според партиска припадност“, изјави Минчев.



