Рама го слави со слатки и „Good life“ отворањето на последниот кластер со ЕУ
Албанија официјално го отвори последниот кластер од преговорите за членство во Европската Унија, момент што беше проследен со славеничка атмосфера во Брисел. Премиерот Еди Рама, заедно со албанската делегација, го пречека отворањето на Кластерот 5 — „Ресурси, земјоделство и кохезија“ — со торта и песната „It’s gonna be a good life“, претворајќи го настанот во оптимистичка прослава на напредокот кон ЕУ.
Отворањето на последниот кластер доаѓа помалку од една и пол година откако Албанија го започна новиот циклус на преговори, при што успеа да ги отвори сите шест кластери со „рекордно темпо“, како што оценија европските претставници.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, нагласи дека ова е важен ден не само за Тирана, туку и за Брисел.
„Овој успех немаше да биде можен без силната политичка посветеност на Албанија и без ангажманот на земјите-членки на ЕУ да го поддржат нејзиниот напредок… Албанија е најдобриот пример за трансформативната моќ на процесот на проширување“, изјави Кос, потенцирајќи ја улогата на албанските граѓани кои, според неа, „побараа промена“.
Премиерот Рама денот го нарече достигнување што до неодамна изгледало невозможно.
„Кој ќе помислеше дека денес ќе бидеме тука, отворајќи ги сите кластери. Порано ова изгледаше невозможно и навикнати бевме на одбивања. Не удираа директно во стомак… Еве нè денес — пред нешто што пред една година беше само сон“, изјави Рама.
Сега амбицијата на Тирана е техничкото затворање на преговорите до 2027 година, додека конечната цел останува полноправно членство во Европската Унија до 2030 година.
Албанија го доби статусот на кандидат во 2014 година, додека Северна Македонија — која годинава одбележува 25 години чекање — и понатаму останува блокирана на својот европски пат.


