
Десет пациенти во земјава биле непотребно упатени или оперирани за кардиолошки и кардиохируршки интервенции, покажува прелиминарниот извештај на стручната комисија формирана од Министерството за здравство, кој денеска го презентира министерот Азир Алиу на прес-конференција во Владата. Комисијата беше формирана кон крајот на август, по јавното предупредување на кардиохирургот д-р Сашко Кeдев дека во приватното здравство се вршат непотребни интервенции со единствена цел – профит.
Алиу информираше дека до Комисијата пристигнале вкупно 25 случаи. Шест од нив се препратени во Државниот санитарен и здравствен инспекторат бидејќи не биле во надлежност на Комисијата. Од преостанатите 19 случаи, кај десет е утврдено дека пациентите биле непотребно упатени или подложени на интервенција без соодветна медицинска индикација. Министеркот додаде дека анализите продолжуваат и дека се очекуваат дополнителни информации.
Претседавачот на Комисијата, д-р Жарко Христовски, нагласи дека извештајот е прелиминарен и дека следи втора фаза на детална анализа, во која ќе бидат вклучени и странски експерти. Тие ќе ја прегледаат работата на сите здравствени установи во земјава што изведуваат кардиоваскуларни интервенции, со цел да се утврди начинот на донесување одлуки и клиничката пракса. Тој потенцираше дека во оваа фаза не е ниту етички ниту правно оправдано да се објавуваат имиња на установи или конкретни состојби на пациентите.
Комисијата е составена од врвни кардиохирурзи, кардиолози, торакални и васкуларни хирурзи, како и лекари од клиничките болници во Битола и Тетово, претставници на ФЗОМ, правници и експерти од Министерството за здравство. Во август, Министерството побара сите јавни здравствени установи да достават податоци за бројот на извршени кардиолошки и кардиохируршки процедури во периодот јануари 2022 – август 2025.
Истражувањето започна по интервјуто на д-р Кeдев за Канал 77, во кое тој изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции – вклучително и стентирања и операции – исклучиво од финансиски мотиви. Иако не наведе имиња, по неговата изјава приватната болница „Аџибадем Систина“ побара од него да појасни на која установа се однесуваат тврдењата, предупредувајќи на можност за тужба за клевета. На 20 август, Кадев објави дека добил најава за тужба и дека го поздравува процесот, затоа што смета дека конечно ќе се отвори можност да се утврди што навистина се случува во приватното здравство.
„Голем дел од мојата работа е да ги одвратам пациентите од непотребни интервенции. Се соочуваме со штетни практики во дел од приватните центри ориентирани кон профит. Имаме докази дека одредени установи би требало да бидат затворени од медицински аспект“, изјави Кадев.
Конечниот извештај на Комисијата се очекува по завршување на втората фаза од анализата, кога странските експерти ќе го дадат својот конечен оценка за состојбите во јавниот и приватниот сектор во областа на кардиологијата и кардиохирургијата.


