Uncategorized @mkXВестиЛокално

Дронот што ја сними „акцијата за чистење на Скопје“ летал без дозвола

Дронот со кој беа направени воздушните снимки од „големата акција за чистење на Скопје“ не бил регистриран и немал дозвола за летање, покажуваат јавно достапните податоци на Агенцијата за цивилно воздухопловство, пишува Призма.

Според правилата во сила, секој дрон што лета во воздушниот простор на Македонија мора да биде регистриран во Агенцијата за цивилно воздухопловство, а секој лет треба претходно да се пријави во електронскиот систем на оваа институција.

Сепак, на 6 ноември, кога се одвиваше „големата акција за чистење“ пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“, во системот не е евидентирано никакво известување за лет на тој локалитет и во тоа време. Нема пријави ниту на 7 и 8 ноември, кога премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски ги објавија видеата и фотографиите снимени од воздух.

Лиценциран оператор на дронови за Призма изјавил дека пријавата за лет е задолжителна „за да се резервира воздушниот простор и да се избегне можен инцидент“.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојановски, изјави дека по завршувањето на летот речиси е невозможно да се утврди кој го управувал дронот:

„Немаме техничка можност да следиме или да откриеме кој го летал тој дрон“, рече Стојановски.

Во март годинава, полицијата ги приведе новинарите на Reuters и TV21 бидејќи снимале со дрон за време на протест во Скопје, со образложение дека немале дозвола. Но овој пат, кога летот бил извршен за владини снимки, нема никаква официјална реакција ниту покрената постапка.

Related Articles

Back to top button