XВестиЛокално

Половина од младите во Северна Македонија не веруваат дека земјата некогаш ќе стане дел од ЕУ

Иако поголемиот дел од младите во Северна Македонија ja гледаат Европската Унија како нешто позитивно, речиси половина од нив не веруваат дека земјата некогаш ќе стане членка на Унијата. Ова го покажува извештајот „Справување со евроскептицизмот кај младите на Западен Балкан: Случајот на Северна Македонија“, кој укажува на пораст на скептицизмот кон евроинтеграциите и на недовербата во домашните институции.

Според резултатите, 41 отсто од младите имаат позитивен став кон ЕУ, 24 отсто негативен, а 35 отсто се неутрални. Сепак, 46,5 проценти од анкетираните не веруваат дека Северна Македонија некогаш ќе стане членка на Унијата, додека 35,8 проценти сметаат дека тоа би можело да се случи само во далечна иднина. Само 6,7 проценти веруваат дека земјата би можела да се приклучи во наредните пет години.

Авторите на извештајот нагласуваат дека „овој јаз меѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, ја претставува суштината на евроскептицизмот кај младите“, предупредувајќи дека без нивно активно учество процесот на проширување на ЕУ нема да биде успешен.

Младите ja препознаваат корупцијата како најголема пречка за интеграцијата – став што го делат 84,6 проценти од нив. Потоа следуваат недовербата во институциите и билатералните спорови со соседите. Според извештајот, тоа покажува дека младите го гледаат домашниот политички амбиент како клучна пречка на патот кон ЕУ и очекуваат конкретни чекори во борбата против корупцијата, како предуслов за подобрување на животниот стандард и за запирање на миграцијата.

Во документот се наведува и дека „Европа нема да биде целосна без нив“, при што се повикува на посилно партнерство меѓу ЕУ и земјите кандидати за да се вклучат младите во европските програми, платформи и процеси на одлучување.

Анкетата е спроведена на крајот на јуни 2025 година, во соработка со студентската платформа „Студентарија“, и опфатила 1.000 млади од Северна Македонија – претежно универзитетски и постдипломски студенти. Проектот е реализиран од Институтот за Добро Управување и Евроатлантска Перспектива (IDUEP) од Скопје, во соработка со Европскиот Центар за Извонредност (ECE) од Брисел и Либералната фондација „Фридрих Науман“.

Related Articles

Back to top button