
Во Косово започна вториот круг на локалните избори, каде над 1 милион и 316 илјади граѓани имаат право на глас за избор на градоначалници во 18 општини. Гласањето ќе трае до вечерните часови, а Државната изборна комисија соопшти дека сите избирачки места се отворени навреме и без поголеми неправилности.
Во овој втор круг, Демократски Сојуз на Косово (ЛДК) влегува во трката како прва сила, со кандидати во шест општини, по што следуваат Алијансата за Иднината на Косово (ААК) во четири, Демократската партија на Косово (ПДК) и Движењето Самоопределување (ЛВВ) со по три општини.
Општините каде што се одржува балотажот се: Приштина, Призрен, Ѓаковица, Гњилане, Драгаш, Качаник, Клина, Фуше Косово, Јужна Митровица, Обилиќ, Раховец, Пеќ, Сува Река, Витина, Вучитрн, Јуник, Мамуша и Клокот.
Најжестоките изборни трки се очекуваат во Приштина и Призрен. Во главниот град се соочуваат Перпарим Рама (ЛДК) и Хајрула Чеку (ЛВВ), додека во Призрен ќе се натпреваруваат Шаќир Тотај (ПДК) и Артан Абраши (ЛВВ), при што ЛДК најави поддршка за кандидатот на ПДК врз основа на постоечки договор.
Во другите општини натпреварите се следниве:
- Пеќ – Газменд Мухаџери (ЛДК) vs Таулант Келменди (ЛВВ)
- Јуник – Ружди Шеху (ЛДК) vs Агрон Кучи (ААК)
- Драгаш – Беџет Џеладини (ЛДК) vs Шабан Шабани (ПДК)
- Качаник – Сабедин Виши (ПДК) vs Жетон Рака (ЛВВ)
- Фуше Косово – Валон Переза (ЛВВ) vs Бесник Османи (ЛДК)
- Јужна Митровица – Аријан Тахири (ПДК) vs Фатон Пеци (ЛВВ)
- Раховец – Смајл Латифи (ААК) vs Али Дула (ЛВВ)
- Сува Река – Бали Мухаремај (ААК) vs Ардиан Шала (ЛДК)
- Гњилане – Албан Хисени (ЛВВ) vs Арбер Исмајли (ЛДК)
- Вучитрн – Ферит Идризи (ПДК) vs Сулејман Мехоли (ЛВВ)
- Обилиќ – Џафер Гаши (ЛДК) vs Халил Тачи (ЛВВ)
- Клина – Зенун Елезаи (ААК) vs Сокол Башота (ПДК)
- Клокот – Божидар Дејановиќ (Српска листа) vs Сречко Спасиќ (Српско национално единство)
Изборниот процес се одвива мирно, а првичните резултати се очекуваат во текот на вечерта.
Во меѓувреме, в.д. премиерот Албин Курти го оствари своето право на глас во Приштина, повикувајќи ги граѓаните масовно да учествуваат во процесот.
„Листиќот е едноставен, со две имиња, и едниот од нив вечерва ќе биде градоначалник. Сè ќе помине добро и мирно,“ изјави Курти по гласањето.


