XВестиЛокално

ДИК ги одби сите 16 приговори за гласањето во Брвеница, Карпош и Шуто Оризари

Државната изборна комисија (ДИК) ги отфрли сите 16 приговори поднесени во врска со вториот изборен круг во општините Брвеница, Карпош и Шуто Оризари. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека за секој приговор ќе бидат изготвени поединечни решенија кои ќе им бидат доставени на подносителите.

Според Кондарко, по доставувањето на решенијата ќе се чекаат законските рокови за можни тужби до Управниот суд. „Ова значи дека најдоцна до крајот на викендот ќе ги имаме одлуките на Управниот суд доколку има поднесени тужби. Доколку нема тужби, во моментот кога ќе истечат роковите, односно кога решенијата ќе станат правосилни, ДИК ќе одржи седница за да ги објави конечните резултати за општините Брвеница, Шуто Оризари и Карпош“, изјави Кондарко.

Во општината Шуто Оризари биле поднесени вкупно 13 приговори – 10 од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и три од Сојузот на Ромите. Во Карпош биле поднесени два приговора од коалицијата „Искуство за успех“, додека во Брвеница приговор поднел кандидатот на ВЛЕН, Хаќим Рамадани.

Сите приговори Државната изборна комисија ги отфрли како неосновани.

Related Articles

Back to top button