
Новоназначениот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека вечерва околу 40 камиони ќе излезат на терен за собирање на отпадот низ главниот град, додека во наредните денови се очекува околу 60 автобуси повторно да се вратат на скопските улици.
Ѓорѓиевски изјави дека стапил во контакт со дел од вработените во ЈП „Комунална хигиена“, каде што состојбата е алармантна, бидејќи во служба на граѓаните биле само 16 камиони.
„Направивме напор и мислам дека вечерва околу 40 камиони ќе бидат ставени во функција. Во иста насока веќе разговараме со дел од стручните служби на ЈСП Скопје, што не го опфаќа директорот и раководството, за кои во изминатиот период видовме дека нивниот капацитет како да не постои, односно дека е деструктивен за претпријатието и за јавноста. Ќе бидат итно преземени чекори за адаптирање на сите автобуси кои со месеци стојат неисправни. Веќе утре ќе имам состанок со сите приватни авто-превозници и околу 60 автобуси ќе бидат пуштени во оптек. Тоа во првиот момент ќе го нормализира јавниот превоз, за да не дозволиме – со доаѓањето на зимата – студентите, средношколците, граѓаните и повозрасните лица да ја минуваат истата голгота како досега,“ изјави Ѓорѓиевски по примањето на уверението за градоначалник.
Тој најави и спроведување на брза ревизија во работењето на јавните претпријатија на градот. „Ќе има ревизија за состојбите во градските јавни претпријатија, тоа е нормално во овие процеси. Ќе следи и одговорност за секој што се огрешил – тука да нема дилеми,“ додаде тој.
Градоначалникот најави дека ќе се сретне и со своите противкандидати од локалните избори. „Ќе ги искористам и идеите на моите противкандидати, деновиве ќе ги поканам да се видиме. Имаа добри идеи и зошто тие да не се искористат, како и идеите на граѓаните. Сè што ќе го подобри живеењето во градот, дури и за милиметар, ќе биде искористено,“ изјави Ѓорѓиевски.
Една од првите мерки по преземањето на функцијата, рече Ѓорѓиевски, ќе биде отстранувањето на рампите поставени пред влезот во Град Скопје. „По примопредавањето, првиот чекор ќе биде отстранување на рампите пред просториите на Градот Скопје, за градот да биде отворен за сите граѓани. Овој град не е мој, не е на неколкумина, не е на политичка партија – тој е на народот, и народот и медиумите треба да имаат целосна достапност,“ нагласи новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на граѓаните за поддршката и вети дека ќе биде градоначалник на сите, без разлика на верската, етничката или политичката припадност.



