
По скандалозниот инцидент што се случи на натпреварот меѓу ФК Победа од Прилеп и Шкендија од Арачиново, кога албанските фудбалери беа навредувани и загрозени од домашните навивачи, Фудбалската федерација на Македонија изрече санкции за прилепскиот клуб.
Според официјалната одлука, ФК Победа АД е казнета со четири натпревари без публика на домашен терен и парична казна од 3.000 евра, поради:
- навредливо скандирање на национална основа,
- истакнување транспаренти со навредлива содржина,
- оштетување на стакло од соблекувалната на гостинскиот тим и загрозување на безбедноста на фудбалерите на Шкендија од Арачиново.
Инцидентот се случи за време на натпреварот Победа – Шкендија Арачиново, каде што, како што претходно објави Portalix.mk, фудбалерите од гостинскиот тим беа навредувани во текот на целиот натпревар, а на крајот беа изложени на обид за напад од група бесни навивачи, што беше документирано и на повеќе видеа.
Федерацијата нагласи дека ќе санкционира секоја форма на дискриминација, говор на омраза или насилство на спортските терени, и предупреди дека повторувањето на вакви инциденти ќе резултира со уште построги дисциплински мерки против одговорните клубови.
Оваа казна се смета за задоцнета, но сепак важен чекор кон спречување и обесхрабрување на ваквото однесување во иднина, бидејќи веќе подолг период на спортските терени во државата владее напната меѓуетничка атмосфера.



