XВестиЛокално

ДИК ги објави првите официјални резултати, партиите имаат рок до среда за жалби

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ги објави првите официјални резултати од вториот круг на локалните избори што се одржаа во неделата во 32 општини и во Градот Скопје. Според податоците што ги презентираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изборниот процес се одвивал мирно и без посериозни инциденти, со задоволителна, но нешто помала излезност во однос на првиот круг.

Во овој изборен круг, во избирачкиот список биле запишани 1.013.357 гласачи, а правото на глас го искористиле 424.923 граѓани, што претставува 41,93 проценти излезност. Вкупниот број на важечки ливчиња изнесува 404.464, а 23.930 се прогласени за неважечки.

Во трката за градоначалник на Град Скопје, што ги опфати десетте скопски општини, гласале 474.304 избирачи. На потесната територија на Скопје гласале 167.575 лица, од кои 157.047 ливчиња се прогласени за важечки, а 10.528 за неважечки.

Според првичните резултати, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, освоил 95.572 гласа или 50,03 проценти, додека неговиот противкандидат од Левица, Амар Меџиновиќ, добил 61.475 гласа, што претставува 36,69 проценти од вкупниот број на важечки гласови.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека веднаш по објавувањето на првичните резултати почнува рокот за поднесување жалби од страна на партиите и кандидатите.
„Од денес, од 16:30 часот, во наредните 48 часа, до среда во 16:30 часот, почнуваат роковите за можни жалби врз основа на првичните официјални резултати, како и за спроведување на постапката за утврдување на резултатите од гласањето. Жалбите се поднесуваат директно во ДИК, а електронско поднесување не е дозволено,“ изјави Кондарко.

Доколку во ниту една од општините не бидат поднесени жалби во предвидениот рок, конечните резултати ќе бидат објавени во четврток. Во случај да има жалби, ДИК има рок од 72 часа за нивно разгледување, по што странките имаат уште 24 часа да поднесат жалба до Управниот суд, кој, според законот, има 48 часа да донесе одлука. Така, како што нагласи Кондарко, конечните резултати од локалните избори се очекува да бидат објавени во понеделник или најдоцна во вторник.

Од ДИК потсетија дека роковите за поднесување жалби поврзани со самата постапка на гласање започнале во неделата во 19:00 часот, веднаш по затворањето на избирачките места. Конечните резултати ќе бидат објавени на јавна седница на Комисијата, на која ќе можат да присуствуваат медиумите, претставници на партиите и набљудувачите.

Со објавувањето на првичните резултати и отворањето на законските рокови за жалби, изборниот процес во Северна Македонија влегува во завршна, верификациска фаза. Од ДИК уверуваат дека ќе обезбедат целосна транспарентност во сите чекори до официјалното потврдување на резултатите од локалните избори 2025 година.

Related Articles

Back to top button