
Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола денеска ќе започне распределбата на 1.013.357 гласачки ливчиња за вториот круг на Локалните избори 2025, информираше Државната изборна комисија (ДИК) за МИА. Градоначалници ќе се избираат во 32 општини и во Градот Скопје.
Во сабота ќе гласаат болните и немоќните лица, затворениците и лицата во домашен притвор, чии барања се прифатени од општинските изборни комисии.
Според податоците на ДИК, изборите ќе ги следат 1.569 набљудувачи, од кои 904 се домашни, а 651 меѓународни. За известување за изборите се акредитирани и 14 странски новинари.
Во Град Скопје, право на глас имаат 474.394 избирачи кои ќе избираат меѓу кандидатот Орце Ѓорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и Амар Мечиновиќ од Левица. Во првиот круг, Ѓорѓиевски освои 91.663 гласа, а Мечиновиќ 30.665 гласа.
Втор круг на локалните избори ќе се одржи и во скопските општини Карпош, Центар, Аеродром и Шуто Оризари.
 
					 
					


