XВестиЛокално

„Возачот останал заробен под возилото и починал„ – обвинение за несреќа со загинат работник на сепарација на Вардар

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен акт против еден осомничен од Неготино за тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 2, а за предизвикување општа опасност од член 288 став 5 во врска со став 2 одговорност се бара и од правното лице каде сопственик и управител е обвинетиот.

Обвинителството водеше истражна постапка за настан од 21.07.2021 година кога обвинетиот управител и правното лице, при извршување работи на сепарација на реката Вардар, воопшто не постапувале според прописите и мерките за заштита, го прекршиле Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа, а како последица еден работник го загубил животот, додека друг се здобил со телесни повреди.

Без да склучи договор за вработување, без воопшто да провери дали оштетениот ги исполнувал условите за работа, како и без да му овозможи услови за безбедно извршување на работните задачи, управителот го ангажирал сега починатиот Петар Мицев и му овозможил да управува тешко моторно возило – камион на сепарацијата, без да провери дали тој има соодветна возачка дозвола за наведениот тип возило.

На 21.07.2021 година оштетениот со камионот во сопственост на правното лице вршел превоз на песок од реката Вардар до сепарацијата кај местото викано „Пумпите“, а како совозач во камионот бил и другиот оштетен. Поминувајќи низ импровизирана патека, односно тесен насип од чакал на кој од двете страни било течението на Вардар, во еден момент камионот се превртел и паднал во реката. Совозачот успеал да излезе од прозорецот на возилото и да исплива на брегот, здобивајќи се со телесни повреди, додека возачот останал заробен под возилото и починал.

Во текот на истрагата, јавниот обвинител обезбеди докази и против еден вработен во АД „Водостопанство на РСМ“ Подружница Тиквеш-Кавадарци, кој во својство на службено лице – оператор на главни испусти/затворачи и одговорен претставник на претпријатието бил присутен на сепарацијата и со свој службен потпис заверил повеќе испратници со невистинита содржина. Со тоа овој обвинет се товари дека сторил продолжено кривично дело – Фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од Кривичниот законик.

Related Articles

Back to top button