
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, вчера одржа состанок со раководствата на полициските станици од сите градови каде што ќе се спроведе вториот круг од локалните избори.
На средбата се разгледуваа моменталните безбедносни состојби на терен, можните предизвици и активностите што полицијата ги презема во пресрет на изборниот ден.
Јанев потенцираше дека полицијата има јасна задача – да обезбеди мирен, безбеден и демократски изборен процес. Тој нагласи дека се преземаат сите неопходни мерки за граѓаните да можат слободно и без притисоци, страв или закани да го остварат своето избирачко право.
„Нема и нема да постои толеранција кон ниту едно незаконско дејствување. Секој обид за нарушување на изборниот процес ќе биде санкциониран со брза, професионална и одлучна полициска реакција“, изјавија од Министерството за внатрешни работи.
Како и во првиот изборен круг, полициските службеници ќе бидат распоредени во близина на избирачките места и на потенцијално ризични локации. Дополнително, безбедносните активности ќе бидат засилени со употреба на современи технички средства, меѓу кои и дронови за воздушно набљудување.



