XВестиЛокално

Монструозно убиство во Кавадарци: Брат го убил помладиот брат на неговиот роденден поради имот

Основното јавно обвинителство во Кавадарци поднесе обвинение против 43-годишен маж, осомничен дека на брутален начин го убил својот помлад брат. Крвавиот настан се случил на 27 јули годинава, токму на роденденот на жртвата, а според обвинението, мотивот била поделбата на семејниот имот.

Како што соопштува Обвинителството, меѓу двајцата браќа настанала расправија бидејќи обвинетиот верувал дека брат му сакал да му го земе целиот имот. „Поттикнат од гнев и омраза, обвинетиот го удрил братот со металниот дел од секира по главата, а потоа, кога тој паднал, го удрил уште двапати, нанесувајќи му смртоносни повреди“, стои во соопштението на ОЈО Кавадарци.

По убиството, сторителот се вратил дома и се обидел да ги сокрие трагите на злосторството. Тој ја исчистил крвта од подот и предметите, телото го однел во помошна просторија, каде што го закопал и го покрил со дрвена шперплоча и други предмети. Во следните денови ја користел и банкарската картичка на убиениот брат за да подигнува пари од банкомат.

Телото на жртвата, 42-годишен жител на Кавадарци кој живеел сам, било пронајдено на 5 август, по интензивна полициска потрага што траела повеќе од една недела, откако сестрата го пријавила неговото исчезнување. Автопсијата потврдила дека станува збор за намерно и брутално убиство.

За делото „убиство“, според Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор. Обвинителството побарало и продолжување на мерката притвор за обвинетиот до завршување на судската постапка.

Related Articles

Back to top button