
Тетовската вода за пиење има исправни физичко-хемиските параметри, но до среда треба да се дознаат микробиолошките резултати од испитувањата за квалитетот по целосниот прекин во водоснабдувањето поради голема заматеност.
Ова е првичниот став од Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центар за јавно здравје Тетово од каде препорачуваат граѓаните до среда да ја превриваат водата ако ја користат за пиење.
-Првичните резултати од анализата на водата влеваат оптимизам, заматеноста е намалена и е во рамките на дозволените граници, редовно се хлорира и ова дава надеж, а го велам и врз основа на добиените резултати но и врз моето досегашно искуство, дека и биолошките параметри, кои треба да бидат готови во среда, ќе бидат во границите на дозволеното. Сепак препорачувам додека не пристигнат и тие податоци, водата од градскиот водовод да препорачувам да водата од градскиот водовод да не се користи за пиење туку само за техничка употреба. Препорачувам користење на флаширана вода или ако се користи водата од градскиот водовод да се преврие најмалку 10 минути, информира д-р Ратко Давидовски, раководител на Одделението за хигиена и здравствена екологија при Центар за јавно здравје Тетово.
Во неделата, двата водоснабдителни системи беа исклучени од дистрибутивната мрежа, а причина беа интензивните врнежи од дожд што предизвикаа заматување на водата.
Прво во утринските часови беше исклучена новата водоводна линија која носи количини од планинските реки во реонот на Лешница поради преголема заматеност и неможноста да се пречисти во филтер станицата кај Лисец. Во текот на попладнето беше прекинат и доводот со вода од стариот водоснабдителен систем од изворите на Попова Шапка исто така поради заматеност.
Според податоците на Управата за хидрометеролошки работи во целата држава за 24 часа на Попова Шапка наврнале рекордни 86,2 литри вода во секунда на метар кубен, додека во Тетово 42,9 литри.



